Танкер удри во закотвен речен крузер во Њу Орлеанс со 130 луѓе

Танкерот „Атлантик Асфалт“ удри во закотвениот речен крузер „Американ Херитиџ“ во близина на пристаништето во Њу Орлеанс. На туристичкиот брод имало повеќе од 130 патници и членови на екипажот, а по ударот бродот примил вода и се превртел на страна, соопштија пристанишните власти и градските служби.

Спасувачките екипи веднаш започанле акција за извлекување на луѓето од реката Мисисипи. Според аудиоснимките од противпожарните и итните служби на Њу Орлеанс, екипите на терен пријавиле дека речниот брод забрзано прима вода и набрзо се превртел, при што повеќе лица завршиле во водата.

Пожарникарите и спасувачките тимови им помагале на патниците со елеци за спасување да излезат од реката. Од Градот Њу Орлеанс потврдија дека повеќе лица се веќе спасени и дека агенциите за јавна безбедност ги координираат активностите на терен.

Компанијата „Американ Круз Лајнс“, која управува со речниот брод „Американ Херитиџ“, соопшти дека гостите и екипажот се евакуирани во тесна координација со Крајбрежната стража на САД и локалните власти. Бродот „Американ Херитиџ“ е изграден во 2015 година, има пет палуби и капацитет до 150 гости, а во моментот на несреќата бил закотвен на пристаништето по завршувањето на осумдневното крстарење по реката Мисисипи.

Танкерот „Атлантик Асфалт“, долг околу 160 метри и широк 23 метри, пловел по реката Мисисипи, поминал под мост и удрил во закотвениот крузер. Според податоците од системот за следење бродови „Марин Трафик“, танкерот е регистриран на Маршалските Острови и е специјализиран за превоз на асфалт и битумен.

Гувернерот на Луизијана, Џеф Лендри, објави дека е во постојан контакт со локалните функционери и полицијата и дека се упатил кон Њу Орлеанс. Со инцидентот е запознаен и Националниот одбор за безбедност на транспортот на САД, кој сè уште не објавил дали ќе отвори официјална истрага, додека причините за сударот и точниот број на повредени лица се утврдуваат.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?