Македонскиот филм „17“ на Косара Митиќ номиниран за Европските филмски награди

Дебитантскиот игран филм на Косара Митиќ, „17“ е номиниран за 39. Европски филмски награди во категоријата „Европско откритие – награда ФИПРЕСЦИ“. Остварувањето влезе меѓу шесте номинирани дебитантски филмови на Европската филмска академија, а победниците ќе бидат прогласени на 16 јануари 2027 година во Атина.

Европската филмска академија ја потврди номинацијата за македонскиот игран филм „17“ на својата официјална веб-страница. Категоријата „Европско откритие – награда ФИПРЕСЦИ“ се доделува во соработка со Меѓународната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ и е посветена на новите режисерски таленти во европската кинематографија. Федерацијата обединува филмски критичари и новинари од повеќе од 80 земји.

Свеченото доделување на 39. издание на Европските филмски награди ќе се одржи на 16 јануари 2027 година во културниот центар „Ставрос Ниархос“ во Атина. Пред самата церемонија, сите шест номинирани остварувања ќе бидат прикажани на специјални проекции во европските кина и културни центри.

Ова признание следува по низата меѓународни фестивалски настапи на дебитантскиот долгометражен филм на Митиќ. „17“ годинава имаше светска премиера на Берлинскиот филмски фестивал, а на Сараевскиот филмски фестивал освои три награди, меѓу кои наградата од публиката и „Срцето на Сараево“ за најдобра актерка. Македонската публика го проследи филмот на скопската премиера во рамките на Скопје филм фестивал, а остварувањето е избрано и за официјален македонски кандидат за наградата „Оскар“ во категоријата најдобар меѓународен игран филм.

Дејството на филмот ја следи 17-годишната Сара, која за време на училишна екскурзија во Грција се соочува со последиците од насилство, нарушени односи меѓу соучениците и молкот на околината. Филмот обработува теми поврзани со сексуалното насилство, траумата, одговорноста и женската солидарност.

Сценариото го напишаа Косара Митиќ и хрватскиот сценарист Огњен Свиличиќ. Филмот е македонско-српско-словенечка копродукција меѓу „Црна мачка продукција“ со продуцентот Томи Салковски, „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар и SEE Cinema Network.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?