Каја Калас побара да ја претставува Европската Унија во мировните преговори за Украина, но лидерите на ЕУ во Даблин се договорија за тим во кој таа нема место. Одлуката ја остава високата претставничка за надворешна политика без директна улога во европската делегација.
На неформалниот самит на 13 ноември, лидерите се договорија во тимот да има претставници од Франција, Германија, Италија, Полска и Обединетото Кралство, како и од институциите на ЕУ. Според „Еуроњуз“, од Брисел ќе учествуваат високи функционери од кабинетите на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Калас во Даблин се повика на мандатот што ѝ го дале земјите членки во 2024 година да ја претставува Унијата во надворешната и безбедносната политика. Според извори на „Еуроњуз“ запознаени со разговорите зад затворени врати, италијанската премиерка Џорџа Мелони се спротивставила на нејзината кандидатура. Европски дипломати за истиот медиум го критикувале и начинот на кој Калас се консултира со земјите членки пред да предложи свои иницијативи.
Три дена по самитот во Даблин, Калас претседаваше со состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел. По состанокот порача дека приоритет е прекинот на огнот во Украина и дека разговорите со Москва за европската безбедност треба да почекаат.

