Првата дама на Македонија, Елизабета Ѓорѓиевска се обрати на панелот „Генерацијата која ќе владее со светот, каква ли ќе биде?“, во рамки на Самитот на првите дами и господа, кој третпат се одржа во Кијив, а беше посветен на менталното здравје.
Нашите деца, архитектите на иднината, ја носат тежината на светот кој постојано се развива, со несмалено темпо, постојани барања и сеприсутни притисоци. Алармантната статистика дава живописна слика – секој петти млад човек ширум светот се бори со проблеми со менталното здравје. Оваа статистика не е само бројка; напротив, ја претставува болката, борбата и одложените соништа на безброј млади души. Го претставува неискористениот потенцијал што останува неактивиран во нашите идни лидери. Не можеме и не смееме, да замижеме пред оваа криза, истакна Ѓорѓиевска преку видео-порака.
Таа на својот фејсбук-профил и се заблагодари на првата дама на Украина, Олена Зеленска за поканата и посветеноста кон оваа исклучително важна тема.
Украинската амбасадорка во Македонија, Лариса Дир, исто така, изрази благодарност до првата дама на Македонија за нејзиното учество, нагласувајќи дека „работата на менталното здравје е исклучително важна“.
За време на Самитот, претставници на 15 држави склучија 25 меморандуми со Украина конкретно за менталното здравје – склучија партнерство со болниците во Северна Македонија, Канада и Франција.