Шефот на пратеничката група на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Бесник Тахири вели дека косовскиот премиер, Албин Курти станал комичар и дека ја изгубил политичката моќ, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во изјава пред новинарите по денешната седница на Претседателството на Собранието на Косово, Тахир рече дека Курти не се грижи ниту за луѓето што ги има во својата партија, Движењето самоопределување, „а камоли за опозицијата во другите партии“.
Шефот на Генералното собрание на ААК го повика Курти да излезе на избори – „ако смее“.
– Премиерот Курти почна да станува комичар. Тој никогаш не се грижел за опозицијата, не само за опозицијата во другите партии, туку ни за луѓето во сопствената партија. Не му е грижа за луѓето во партијата кои имаат различни мислења, а камоли за другите партии. Политичката моќ народот ни ја дава, нека излезе ако смее на изборите и нека види што ќе биде со него. Знае дека ја изгубил политичката изборна моќ, затоа станал комичар, изјави Тахири.
Според него, судејќи според ситуацијата во земејете создадена во последно време, оставка на Курти би била од голема корист за Косово.
– Најголемата услуга што премиерот Курти ќе му го направи на Косово денес е да поднесе оставка и да ја пушти земјата на избори. Самиот факт што му паѓа на памет опозицијата покажува дека се плаши од оваа опозиција и едно е веќе сигурно дека оваа власт кога и да се одржат избори нема да може да создаде. Ова му е последен мандат како премиер, нема да има ниту бројки, ниту можност да направи друга влада, рече Тахири, коментирајќи ја изјавата на Курти дека ако има избори сегашната опозиција „ќе ја снема“.
Курти на денешната прес-конференција, на која информираше за минатонеделниот состанок во Брисел со српскиот претседатеел, Александар Вучиќ, беше запрашан за можноста за одржување предвремни избори, како што бара опозицијата, на што одговори дека тоа би било на штета токму на опозицијата.
– Опозицијата час бара моја оставка, час мое разрешување и понекогаш предвремени избори. Морам да кажам дека предвремените избори во Косово не ѝ одговараат ниту на власта ниту на опозицијата. На опозицијата не ѝ одговараат избори затоа што губат, а на власта не ѝ одговараат затоа што опозицијата ќе ја снема. Заинтересиран сум да ја поразам опозицијата на избори, но не и да ја елиминирам, рече Курти.