Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадиновска-Стојчевска: Европскиот ден на јазиците е ден и на македонскиот јазик на кој во европската култура се вградени делата на плејада македонски автори

„Европскиот ден на јазиците е ден и на македонскиот јазик како еден од европските. Јазик преку кој во европската култура, наследство и традиција се вградени делата на нашата фолклорна традиција, но и на нашиот современ македонски израз. Со македонскиот јазик со Европа ги сооделивме и ги споделуваме делата на Конески, Шопов, Јаневски, Стефановски, Бужаровска и плејада други писатели и поети“, истакнува во својата порака по повод Европскиот ден на јазиците министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура дополнува дека „на македонски, како еден од европските јазици, се преведени Шекспир, Кафка, Сервантес, Бодлер, Гете и останатите европски класици и современи големци на литературата и така македонскиот јазик живее и низ преводите на стотиците странски македонисти во Европа и во светот како наши културни дипломати“.

„Таа почит кон македонскиот јазик повикува и ние да ја негуваме љубовта кон сите останати европски јазици како културен идентитет на народите на нашето европско семејство. Денешниот, Европски ден на јазиците нека биде уште еден поттик да порачаме до сите граѓани да ги учат и почитуваат јазиците за да ги пренесуваат љубовта и разбирањето меѓу народите“, порачува министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во својата објава на социјалните мрежи по повод Европскиот ден на јазиците.

Зачлени се на нашиот е-билтен