Проширувањето на ЕУ не е само повик на историјата, туку е и геополитичка неопходност, поради што Унијата треба да постави визија за успешно спроведување на овој процес, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Поради ова е причината Комисијата започна да работи на серија прегледи на политиките пред проширувањето, врз основа е прашањето како би функционирале нашите институции, нашиот буџет, нашите безбедносни гаранции, изјави Фон дер Лајен по средбата со летонската премиерка Евика Силиња.
Фон дер Лајен истакна дека Летонија е светол пример за успешна интеграција во ЕУ, која продолжуваа да го продлабочува своето интегрирање во Унијата и по речиси 20 години од приклучувањето кон европското семејство.
Претседателката на ЕК и се заблагодари на Силиња за, како што рече, непоколеблива летонска поддршка за Украина.
– Летонија ги поддржа сите наши санкции против Русија и нашите различни пакети финансиска помош за Украина. Вие сте силен поддржувач од самиот почеток. Европската финансиска поддршка, се разбира, останува спас за оваа земја, која толку храбро се бори за својата слобода и за својата иднина, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека токму затоа ЕК предложи нов пакет поддршка за Украина од 50 милијарди евра до 2027 година.
Фон дер Лајен истакна и дека ЕУ продолжува со изразувањето на целосна солидарност со Летонија, која се соочи со „циничната и нехумана инструментализација на мигрантите“ од страна на Белорусија.
– Во текот на изминатите години, распоредивме персонал на Фронтекс и мобилизиравме 63 милиони евра дополнителни средства за граничен надзор. Продолжуваме внимателно да ја следиме ситуацијата на границата, рече претседателката на Еврокомисијата.
Таа нагласи дека овие хибридни напади врз земји членки на ЕУ се причина повеќе зошто е потребен брз политички договор во рамки на Унијата за Пактот за миграција и азил, кој треба да утврди заеднички европски правила за овие прашања, како и за ревизија на повеќегодишниот буџет на блокот.
– Значи, имаме многу да разговараме. Сето тоа е во подготовка на самитите кои претстојат – на Европската политичка заедница, неформалниот Самит во Гранада и потоа формалниот Европски совет овде во Брисел, порача Фон дер Лајен.