Советот на ЕУ денеска ја именува Холанѓанката Миранда де Мејер за нов обвинител во Европското јавно обвинителство, со што заврши процесот на делумна замена на членовите на Обвинителството.
Со преодните правила за првиот мандат на Европското јавно обвинителство се предвидува една третина од обвинителите да имаат тригодишен мандат без право на реизбор, при што со ждрепка беше утврдено тоа да се однесува на кандидатите од Австрија, Грција, Италија, Кипар, Литванија, Португалија, Холандија и Шпанија. Врз основа на ова правило во периодот од 27 јуни до 20 јули веќе беа заменети седуммина од обвинителите избрани со формирањето на Обвинителството во 2020 година, а денеска е заменет и последниот осми обвинител.
Европските обвинители имаат задача да ги надгледуваат истрагите и гонењето и заедно со европскиот главен обвинител го формираат Колеџот на Европското јавно обвинителство. Обвинителите имаат мандат од шест години без право на реизбор, но Советот на ЕУ може да одлучи да им го продолжи мандат за најмногу три години.
Секоја земја вклучена во Европското јавно обвинителство номинира по еден кандидат за позицијата европски обвинител, од редовите на активни членови во националното Јавно обвинителство или судството, чија „независност е несомнена и ги поседуваат квалификациите потребни за извршување на високи обвинителски или судски функции“. Изборот и назначувањето на обвинителите во Европското јавно обвинителство ги врши Советот на ЕУ.
Од сите земји членки на ЕУ, само Полска, Унгарија и Шведска одлучија да не се приклучат на Европското јавно обвинителство. Данска и Ирска, пак, иако се членки на Европското јавно обвинителство, неговата надлежност не ги опфаќа областите на слободата, безбедноста и правдата во двете земји.