Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Повеќе од 100 луѓе загинаа при напад со дронови врз Воена академија во Сирија 

 При напад со беспилотни летала врз Воена академија во сириската провинција Хомс загинаа над сто луѓе, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.

Во исто време Турција изврши напади врз курдски цели во Сирија, при што загинаа девет луѓе.

Во нападот врз Воена академија во Хомс, каде се одржуваше свеченото унапредување на офицери убиени се повеќе од сто лица, од кои половината се воени дипломци, 14 се цивили, а повредени се 125 лица, соопшти Центарот со седиште во Лондон.

Сириската армија не посочи кој е виновен за нападот, но најави „цврст одговор“ на „подлиот, без преседан терористички напад“.

Ниту една организација досега не презеде одговорност за нападот.

Речиси во исто време со терористичкиот напад на Хомс, Турција изврши напади со беспилотни летала врз области населени со Курди, а цели беа и нафтени постројки и две електрани, потоа брана и фабрика во провинцијата Хасака, која е под контрола на Сириските демократски сили.

Турција соопшти дека нападот врз самоуправните Курди во североисточна Сирија бил одмазда за минатонеделниот обид за атентат во центарот на Анкара, при што беа повредени двајца полицајци.

Нападите во Анкара, за кои одговорноста ја презеде турската Курдска работничка партија (ПКК), биле извршени од луѓе обучени во Сирија, тврди Турција, но лидерот на Сириските демократски сили, Мазлум Абди, ги отфрли обвинувањата.

Конфликтот во Сирија започна со протести против претседателот Башар ал Асад во 2011 година. Немирите потоа прераснаа во војна, при што загинаа стотици илјади и раселени милиони. Сириската армија претрпе големи загуби во борбите и во голема мера зависи од воената помош од Русија и Иран, како и од борците од Либан, Ирак и други земји поддржани од Техеран.

Асад ја врати контролата врз поголемиот дел од земјата, но голема област на север, на границата со Турција, сè уште е контролирана од вооружени бунтовнички групи, вклучително и тврдокорни џихадистички борци. 

Зачлени се на нашиот е-билтен