Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Монументи на почитта и сеќавањето на борците на Македонија во анти-фашистичката војна

Она што е особено значајно е што овие монументални места со повеќезначност треба да станат и места за редовна посета на секој од нас и тоа не само за време на празници и во организирани посети, туку како места кои инспирираат, поттикнуваат сеќавања и предизвикуваат почит и благодарност. Тоа е наша должност и заради споменот на историските настани, туку и заради делата на врвните уметници како што се Мазев, Чемерски, Муличковски, Грабулоски, Богдановиќ и многу други.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Спомен-костурниците и другите спомен обележја се монументи на почитта и сеќавањето на борци на Македонија во анти-фашистичката војна. Ширум земјата тие се поставени и изградени за да трае вечно споменот на 11 Октомври – Денот на слободарското и државотворно антифашистичко востание, како и на сите други датуми и празници од оваа епоха. Благодарение на тие дејствија, како неминовен епилог на војната и на историските определби на Македонците и другите народи во земјата во меѓународната заедница на народите беше впишана државата Народна Федерална Република Македонија.

Празнувањето на 11 Октомври – Денот востанието на македонскиот народ е оддавање чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата на Република Македонија и претставува само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато.

Делото на храбрите борци од востаничката епопеја од 1941 ги постави темелите на нашата меѓународно призната држава со сопствена армија, членка на НАТО и земја во преговори за членство во ЕУ.

Спомен-костурниците претставуваат специфичен вид објекти, кои во својата структура обединуваат формално-обликовни искуства од црковното градителство, но надградено во естетска смисла со слободно протолкувани елементи што придонесуваат за нивната симболична содржина. Тие претставуваат посебен вид капели-цркви-гробници, во кои се положени коски на паднати војници или на цивили што биле жртви на одредени воени дејства.

Како тип споменични објекти, својата афирмација ја доживуваат по завршувањето на Втората светска војна во 1945 година, кога се применувани во подолг временски период за да се воспеваат одредени историски настани сврзани за Народно ослободителната борва од 1941 до 1945 година (НОБ). Како дела на новите времиња, најчесто се во корелација со современите текови на ликовната монументална уметност, како и на најважните трендови на традиционалната и на модерната ликовна уметност, одноно сликарството, вајарството…

Автори на овие момументални споменични обележја се најчесто истакнати имиња на македонската уметност и архитектура и на авторите од некогашните заеднички југословенски простори.

Денеска, кога нашата држава ја одбележува 82-годишнината од народното востание – 11 Октомври, како почеток на Народноослободителното движење, овие монументални споменични објекти ја истакнуваат важноста на сеќавањето на минатото и неговото значење во обликувањето на иднината.

Во нивна чест и во име на сеќавањето паднатите во НОБ и на тие славни државотворни историски настани денеска го правиме ово преглед на дел од тие места за поклон и за длабока почит.

Спомен-костурницата во Велес

Импозантниот и монументален споменик – Спомен костурницата во Велес е изградена како вечно почивалиште на стотина велешки борци кои загинале во НОБ. Идејата за формата претставува афионов цвет кој расцветува и означува раѓање на нешто ново (од друга страна е присутна и асоцијацијата на распукан шлем – симбол на победениот фашизам).

Автори на ова грандиозно, архитектонско дело, биле Саво Суготин (инженер архитект) и Љубомир Денковиќ (академски вајар) од Нови Сад.

Објектот бил пуштен во употреба на 11 Октомври 1979 година.

Централно во ентериерот е поставена скулптура на расцветано дрво – симбол на слободата, а под неа се наоѓа криптата на борците. Скулптурата претставува дрво на животот и со самото будење и цутење на дрвото се симболизира раѓање на нов живот.

По должината на ѕидовите лежи најголемиот мозаичен комплекс во Македонија од околу 220 метри квадратни, дело на големиот македонски сликар Петар Мазев, кој воедно е и автор на севкупното внатрешното ликовно обликување на спомен костурницата.

Дел од мозаикот на Петар Мазев во спомен-костурницата во Велес

Мазев со композиција од пет делови на мозаици ја претставил историјата на македонскиот народ, започнувајки од перидот на Османлиите, па сè до 90-тите години на XX век. Мозаикот е изведен од природен и вештачки камен од венецијанска паста, а симболите и формите се визуелизираат преку употребата на мноштво од бои.

За ова дело, историчарот на уметноста  проф. Борис Петковски, запишал: „Овој мозаичен комплекс на Мазев во Спомен костурницата во Велес несомнено преставува нов и пресвртен момент во развојот на македонското монументално сликарство“.

Спомен-костурницата во Кавадарци

Спомен костурницата во Кавадарци, како монументален споменик ја симболизира старата македонска куќа која претставува вечен дом на паднатите борци. Во неа се сместени посмртните остатоци на загинатите борци од Кавадарци, жртви на фашистичкиот терор од НОБ во периодот од 1941-1945 година. Во нејзината внатрешност на гранитни плочи се испишани нивните имињата. Спомен костурницата е изработена од бетон. Откриена е на 7 септември 1976 година. Таа е дело на Петар Муличковски, професор на Архитектонскиот факултет во Скопје.

Петар Муличковски (Прилеп, 2 март 1929 – скопје, 8 август 2022), е македонски архитект и проектант, најпознат е како архитектот што го проектирал комплексот во којшто се наоѓа сега Владата во неговиот првичен и оригинален изглед. Тој е автор и на зградата на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје и деловната зграда „Симпо“ во Скопје. Ситие негови дела претставуваат врвни архитектонски остварувања.

Спомен-костурницата во Кавадарци се наоѓа на надморска височина од 305 метри и од таму се гледа панорамата на Кавадарци и на Тиквешијата, што е вусшност обележје на сите вакви момументи – да доминираат и да бидат видливо место за посета.

Спомен-коструницата во Куманово

Спомен-костурница во Куманово, каде што денеска во 2023 година ќе се одржи центрачната манифестација за одбележување на 11 Октомври – Денот на востанието на македонскиот народ, е споменик посветен на победата над фашизмот, односно на борбата на македонскиот народ во НОБ, кој се наоѓа на главниот плоштад во Куманово. Споменикот претставува жена со високо дигнати раце, која држи венец. Споменикот е дело на видниот хрватски вајар Коста Ангели Радовани. Изграден е во во 1951 година и како симбол на градот се наоѓа на општинскиот грб.

Спомен-костурницата во Струмица

Спомен-костурницата во Струмица се издига на „баирот“ над градот на 327 метри надморска висина. Комплексот е вклучен во Списокот на Културно наследство на Македонија.

Изградбата на меморијалниот комплекс започнала во 1979 година, а на 4 јули 1982 година со свечен чин биле пренесени моштите на загинатите борци во НОБ и положени во саркофагот. Во саркофагот се наоѓале посмртните останки на: Благој Јанков – Мучето, Герас Цунев, Сандо Масев, Васил Сурчев, Киро Абрашев, Иљо Шопов, Јанко Цветинов и Димитар Цветинов.

Меморијалниот комплекс е дело е на архитектот Благој Колев, и истиот е изграден од бел мермер. На висорамнинката е аулата со саркофагот од кафеав мермер. Аулата има 2 врати влез – излез и е во форма на полукруг, осветлена од три странични прозора и еден централен. Замислена во облик на отворен амфитеатар, мермерните платна симболизираат раскинати ланци, односно раскинето ропство.

Пишаните стихови „Татковино огниште разгоривте, древни темели зацврстивте, простор немирлив засводивте, во својата срцевина“ пред влезот во аулата, се на поетот Коце Солунски.

Спомен-костурницата во Кичево

Споменикот-костурницата во Кичево е изградена во 1965 година и во неа се чуваат останките на 511 борци во Народнослободителната борба од Кичево и Кичевско.

Костурницата е изградена од мермер и има полукружен облик. На ѕидот е направен бронзен релјеф на кој се прикажани мотиви од партизанската борба како војување во битки, оплакување на загинатите и носење на ранените. Автор на релјефот е вајарот Јордан Грабулоски, кој го потпишува и еден од највеличествените монументални објекти „Илинден“ или Македониум — споменичкиот комплекс во Крушево, заедно со неговата сопруга Искра Грабул.

Лево и десно од релјефот има девет мермерни плочи на кои се напишани имињата на борците чии останки се чуваат во споменикот.

Споменикот на слободата во Кочани

Споменик на слободата во Кочани, отстапува од карактеристиките на спомен костурниците бидејќи во него нема посмртни останки, но според стите свои други карактеристики спаѓа во делот на монументалните споменични обележја за да сведочат на импозантното дело на борците против фашизмот и за создавање на македонската држава.

Споменикот е граден во периодот 1975-1977 година, од страна на тогашното Собрание на општина Кочани. На распишаниот јавен конкурс за уметничко и архитектонско решение се јавиле повеќе автори од тогашна Југославија. Комисијата го избрала уметничко-архитектонското решение на авторите Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ.

Американскиот грант за обнова и реставрирање на мозаичниот приказ на академик Чемерски Споменикот на слободата над Кочани 

Споменикот бил целосно завршен во 1981 година и со голема свеченост им биле предаден на граѓаните на Кочани. Подоцна овој споменик, со неговата амфитеатрална архитектура и мозаиците на Чемерски како сценографски елемент, беа места за театарски претстави што се одржуваа во рамките на аматерскиот државен фестивал во Кочани.

Угледниот архитект Богдан Богдановиќ за Меморијалниот комплекс во Кочани рекол “Во време кога во Европа и во Југославија се сметало дека се е кажано на темата монументални споменици во Кочани се покажани нови иницијации кои монументалното творештво го врзуваат за антиката, пред антиката и за нашата современост и во него препознаваат не само сегашност туку и иднина“.

Могилата на непобедените во Прилеп

Во оваа прилика не случајно го споменуваме Богдан Богдановиќ, еден од најважните и највлијателни архитекти од поранешна Југославија која е автор на еден од најмаркатните споменици на НОБ – Могилата на непобедените во Прилеп.

Меморијалнио комплекс во Спомен паркот на Револуцијата во Прилеп е изграден во 1961 година во чест на загинатите борци од НОВ, според проект на Богдановиќ.

Меморијалниот комлекс е составен од два дела: Заедничка гробница-крипта и спомен урни. Во едниот дел се подигнати мермерни урни, слични на античките. Најголемата урна со симбол на вечен пламен ја претставува непокорноста на македонскиот народ. Во вториот дел се наоѓа криптата – заедничката гробница, каде во мермерните плочи се вклесани имињата на паднатите борци, кои го положиле животот за ослободување на Македонија.

Паркот на револуцијата кој се наоѓа на јужната периферија на Прилеп е хортикултурно уреден со високо растителна борова шума и нискорастителна зимзелена флора.

Могилата на непобедените со полукружна форма со внатрешен дел кој по целата вертикална површина е поплочен со бели мермерни плочки. На него се испишани имињата на 462 паднати борци од Прилеп и прилепско, а во криптата се наоѓаат нивните посмртни останки. Во атриумот се издигаат осум мермерни урни кој симболизираат формирањето на партизанските одреди и нивно прераснување на поголеми воени формации.

Паркот на револуцијата со Могилата на непобедените е прогласен за споменик на културата во 1989 година.
*
На иницијатива на Министерството за култура и со поддршка на фондови на САД и на ЕУ, овие споменични комплекси, не само заради историската вредност како споменици на борбата против најголемото зло на човештвото фашизмот, туку и заради нивните уметнички вредности, во последните две-три години се обновуваат и реконструираат.

Тоа е должност и заради споменот на историските настани, туку и заради делата на врвните уметници како што се Мазев, Чемерски, Муличковски, Грабулоски, Богдановиќ и многу други.

Она што е особено значајно е што овие монументални места со повеќезначност треба да станат и места за редовна посета на секој од нас и тоа не само за време на празници и во организирани посети, туку како места кои инспирираат, поттикнуваат сеќавања и предизвикуваат почит и благодарност.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново