Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Орбан-Тројанскиот коњ на Путин во ЕУ

БОРЈАН ЈОВАНОВСКИ

Украинската вицепремиерка Јулија Свириденко, утринава ќе им се придружи на амбасадорите на ЕУ на првиот дел од нивниот неделен состанок на Корепер. Состанокот, како што велат дипломатите, е неформална дискусија каде таа најверојатно ќе се заложи за построги санкции против Русија и повеќе набавки на оружје.

Попладнето, амбасадорите ќе се состанат за да одлучат за 10-тиот пакет санкции за Русија, кој вчера беше блокиран од ….погодете кој? Па…, Унгарија!

Новиот пакет санкции  вклучува нови казни за финансискиот сектор, дополнителни трговски ограничувања и повеќе индивидуални санкции за помошниците на режимот на Владимир Путин.

Но, најблискиот сојузник на Путин во ЕУ го држи пакетот. Виктор Орбан повторно се заканува со вето на продолжувањето на санкциите на ЕУ – кои треба да се обновуваат на секои шест месеци – затоа што сака четири лица да бидат отстранети од списокот. Нивните имиња за јавноста не се познати.

Унгарија, исто така се противи на предлогот поддржан од сите други земји  да се продолжи периодот од шест на 12 месеци, што ќе и даде на Будимпешта помалку можности да ги торпедира санкциите и да ги блокира одлуките на ЕУ.

Тоа не е се! Лидерите на ЕУ и на САД зборуваат за земјите кои не успеале да ги поддржат западните санкции, како што се Индија и Кина, истовремено игнорирајќи дека во нивниот круг на сојузници, Унгарија всушност стана саботер на Путин.

Официјални претставници на ЕУ признаваат дека се загрижени за летото 2024 година, кога Унгарија ќе го преземе ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ. Ваквата неподнослива леснотија со која Орбан ги извршува задачите на Путин во Брисел го наложува прашањето, кога лидерите на ЕУ ќе се соочат со реалноста и ќе ја спречат Унгарија да спроведува такви блокади со суспендирање на нејзиното право на глас, наместо да се продолжи со оваа игра на Путиновиот Тројански коњ во Брисел кој ја уценува целата Унија?

 Уцената на Орбан засега е во предност!? 

Засега, уцената победува: Во вторникот, амбасадорите не успеаја да постигнат компромис со Унгарија. Двајца дипломати рекоа дека ЕУ е подготвена да попушти на барањата на Орбан и да ги отстрани четворицата лица од списокот со санкции, бидејќи, ако Унгарија продолжи да го користи своето вето, сите веќе санкционирани лица ќе мора да бидат симнати од списокот. ЕУ санкционираше повеќе од 1.400 луѓе во врска со војната во Русија, вклучувајќи олигарси, членови на рускиот парламент, воени и безбедносни службеници и руски администратори на окупираните територии на Украина.

Сепак, отстранувањето на тие четири имиња не беше доволно за Унгарија, рекоа двајцата дипломати, бидејќи земјата исто така се противи на предложениот период за обновување од 12 месеци. Привремениот компромис за кој амбасадорите ќе разговараат денес, вклучува преминување во периоди за обновување од девет месеци (наместо сегашните шест месеци),

Дискусија се води и за проширување на листата на санкционирани: „членовите на нивното потесно семејство или други физички лица кои имаат корист од нив“.

Вклучувањето на членовите на семејствата на олигарсите и другите соработници на олигарсите на листата, ќе овозможи да бидат санкционирани уште илјадници луѓе без да мора да се докажува дека тие се директно вклучени во војната во Украина или дека дејствуваат во економски интерес на руската држава.

Ова може, на пример, да се однесува на поранешната сопруга на Путин, Људмила Очеретнаја, чии ќерки се санкционирани, но самата не е наведена, како и на другите членови на окружувањето на олигарсите…но!

На состанокот на амбасадорите во вторникот, Унгарија се спротивстави на таквите планови. Будимпешта тврди дека овој предлог не бил дел од 10-тиот пакет санкции

Европратениците во меѓувреме побараа преглед на замрзнатите средства . Естонскиот либерален европратеник Урмас Пает испрати писмо до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, барајќи од нив да го откријат износот на замрзнатото руско богатство во земјите на ЕУ. Во писмото, потпишано од повеќе од 50 европратеници, се повикува на „итна акција со цел да се создаде преглед на тоа какви резерви на руската централна банка и средствата на руските олигарси се всушност блокирани, каде и во кои износи“. (НоваТВ)

Зачлени се на нашиот е-билтен