Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Скопје домаќин на состанок посветен на Планот за раст на Западен Балкан со лидери од ЕУ и САД

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски ќе биде домаќин на состанокот на лидерите на Западен Балкан, посветен на Планот за раст на Западен Балкан, усвоен од Европската Комисија, што ќе се одржи утре во Скопје.

Според прес-службата на Владата, на средбата ќе присуствуваат претседателот на Република Србија Александар Вучиќ, премиерите на Албанија Еди Рама, на Црна Гора Милојко Спаиќ, на Косово Албин Курти, Срѓан Амиџич, актуелен министер за финансии и трезор во Советот на министри на Босна и Херцеговина, како и Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија и Џејмс О’Брајaн, помошник државен секретар за Европски и Евроазиски прашања на САД.

На средбата ќе учествуваат и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за финансии Фатмир Бесими, како и нивните колеги од земјите од Западен Балкан. Дополнително, ќе присуствуваат и претставници на регионалните организации, Регионалниот совет за соработка, ЦЕФТА и Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан-6, како и на меѓународните финансиски институции.

Американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија О’Брајан, денеска порано пристигна во земјава по повод учеството на лидерскиот состанок посветен на Планот за раст за Западен Балкан.

Како што соопштија од СЕП, на О`Брајан кој е дел од Делегацијата на стратешките партнери на државата кои ќе учествуваат на состанокот, добредојде му посака вицепремиерот Бојан Маричиќ и му се заблагодари за поддршката што Соединетите Американски Држави ја даваат на Северна Македонија. 

Учеството на претседателот на Србија Вучиќ на лидерскиот состанок за Планот за раст за Западен Балкан, чиј домаќин е Владата на Република Северна Македонија, го потврдија од неговиот кабинет.

Инаку, настанот кој требаше да се одржи денеска во Скопје, по повод започнување на мерката за „Слободен пристап до пазарот на труд во земјите од Отворен Балкан“, од владината прес-служба информираа дека се одложува до моментот кога целосно ќе се овозможат техничките услови за имплементацијата на мерката во Албанија, Србија и Северна Македонија поединечно.

-Во моментов, усогласени се протоколите врзани со условите за слободен пристап до пазарите како и со шемите за електронска идентификација. Врз основа на истите, техничките тимови во секоја земја соодветно преземаат завршни активности. Минатонеделните координации и технички тестирања, иако првично со позитивни исходи, покажаа дека е потребно дополнително време за тестирање и поставување на услугите во системите на трите земји, за истите да станат јавно достапни, за сите граѓани истовремено. Институциите кои се надлежни за имплементација, активно работат на дополнителни тестирања и усогласувања на системите, имајќи ја предвид важноста, потребите и придобивките за граѓаните, се наведува во соопштението.

Воедно, се посочува дека во најбрз можен рок, а во интерес на граѓаните, трите земји ќе информираат за следните чекори врзани со оваа мерка која, како што се наведува, е една од многуте мерки и проекти кои произлегоа од иницијативата Отворен Балкан, а со кои граѓаните уживаат вистински придобивки и развој.

Зачлени се на нашиот е-билтен