Професорката Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател на претстојните избори поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, за МИА изјавува дека е за ЕУ, но не гледа фаталистички на ЕУ.
Таа смета дека за Преговарачката рамка за продолжување на преговорите со ЕУ може да се најде решение. Притоа, потенцира дека е за влез во Европската унија, но дека „може да се договориме“ и оти за тоа има многу варијанти.
Ако се земе предвид дека за влез во Европската Унија согласно европскиот предлог, треба да ги направиме уставните измени, произлегува дека професорката не е против уставните измени и дека „може да се договориме.“
„Значи, мислам дека може да се договориме околу стапување на сила, варијанти има многу. Околу тоа кога ќе стапат во сила, околу обврската на Бугарија со закана со членот 7 дека мора да ги почитува пресудите на Судот во Стразбур. Како може да не почитувате пресуди на суд, а имате судија во судот и вие им судите на другите? Па тоа не е европски,“ вели Силјановска Давкова.
На прашањето дали промените што би можеле да се случат на изборите за Европскиот парламент, но и кај нас може да придонесат за евентуална промена на Преговарачката рамка и целиот тој процес за преговори за поглавјата, Силјановска Давкова посочува дека Преговарачката рамка не е Библија, Куран или Талмуд.
Колку за потсетување сите претставници на ЕУ и САД, како наши најголеми стратешки партнери, кои се во земјава и оние кои ја посетија земјава изминатиов период излегоа со иста порака дека подобра преговарачка рамка нема да има, а со последната изјава и на Силјановска со која таа не е против уставни измени и „може да се договориме“, очигледно никој не е против истите и нема пречки истите да бидат усвоени.