Советот на министри на Европската унија денеска во прво читање ја одобри визната либерализација за Косово.
Ова преку објава на Фејсбук го објави директорот на Косовскиот институт за европска политика (ЕПИК), Демуш Шаша.
Тој рече дека сега единствена процедура е одобрувањето на пленарна седница на Европскиот парламент каде се очекува едногласна поддршка.
Советот на министри едногласно ја одобри визната либерализација за Косово. Посебно чувство да се види како завршува 10-годишна сага во рок од 10 секунди. Сега останува само одобрувањето на пленарна седница на Европскиот парламент, каде повторно се очекува речиси едногласна поддршка“, напиша Шаша.
Шведската министерка за миграција Марија Малмер Стенергард, чија земја претседава со ЕУ, го пофали напредокот на Косово.
„Косово вложи големи напори да го подобри управувањето со безбедноста и миграцијата и да ја усогласи својата визна политика со онаа на ЕУ. Се надеваме дека нашата соработка во овие области ќе продолжи да биде плодна“.
Инаку, денеска на дневен ред на состанокот на министрите за внатрешни работи на 27-те земји членки на Европската унија беше одлуката за визна либерализација за Косово, пренесува ТВ Дугаѓини.
Според оваа одлука, датумот за почеток на визната либерализација за граѓаните на Косово ќе биде времето кога системот за овластување и верификација на патување (ETIAS) ќе биде целосно функционален, или најдоцна до 1 јануари 2024 година.
До неодамна се веруваше дека стапувањето на сила на овој систем ќе биде на 1 ноември годинава, но овој рок е одложен за 2024 година.
Влегувањето во сила на овој систем следната година е поставено како нов датум на официјалната веб-страница на системот ETIAS.
Кога овој систем ќе стапи на сила, оние кои сакаат да ги посетат земјите на ЕУ без виза, прво треба да се регистрираат преку него, а потоа да добијат одобрение кое важи три години.
„