Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Османи -Билстром: Северна Македонија и Шведска заеднички ќе се помагаат за членство во ЕУ и НАТО

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес престојуваше во прва официјална посета на Кралството Шведска, актуелен претседавач со Советот на Европската Унија. Во делегацијата на министерот Османи беше и претседателот на парламентарната Комисија за европски прашања Арбер Адеми.

На средбата со министерот за надворешни работи Тобиас Билстром беше реафирмирана поддршката на Шведска за нашата евроинтеграција, воедно потенцирајќи ја неопходноста од донесувањето на уставните промени, со цел непречен тек на преговарачкиот процес и трасирање на патот кон членство во ЕУ до 2030.

Министерот Османи потенцираше дека Северна Македонија останува силен поддржувач на членството на Шведска во НАТО, што ќе придонесе за зајакнување на безбедноста на евро-атлантскиот простор.

„Забрзанaта интеграција на нашата држава во ЕУ и што поскорото членство на Шведска во НАТО ќе ги одврати злонамерните влијанија на трети фактори кои се обидуваат да ја поткопаат безбедноста и стабилноста на европскиот континент. Затоа денес, уште еднаш се заложивме дека заеднички ќе се помагаме за членство во ЕУ и НАТО“, истакна Османи.

Министерот Османи се заблагодари за континуираната посветеност на Шведска на процесот на пристапување на нашата земја во ЕУ, посебно во областа на развојната соработка, во рамки на која Северна Македонија е повторно меѓу приоритетните држави-партнери на шведската развојна помош во области кои се најкорисни за нашите реформи од пристапниот процес.

Во својство на претседавач со ОБСЕ, Османи го запозна соговорникот со актуелностите во однос на претседавањето со ОБСЕ низ призмата на утврдените приоритети, во кои Украина останува наш главен приоритет и клучно безбедносно прашање во рамки на ОБСЕ 2023.

На средбата стана збор и за регионалната динамика, за која двајцата министри оценија дека е од клучно значење за безбедноста и стабилноста на регионот, но и на Европа. Беше нотирано актуелното претседавање на нашата земја и со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), како и со САД-Јадранската повелба (А5), при што позитивно беше оценета улогата на Северна Македонија на активен чинител во генерирањето на стабилноста и мирот во поширок регионален контекст.

Во рамки на посетата, министерот Османи оствари средба и со претседателот на шведскиот Парламент, Андреас Норлен, на која беше дискутирана одличната парламентарна соработка меѓу двете земји и со генералната директорка на Шведската развојна агенција (SIDA), Карин Јемтин, осврнувајќи се на непосредните бенефити од шведската развојна соработка за нашата ЕУ перспектива.

Зачлени се на нашиот е-билтен