Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ковачевски: Дијалогот е единствената алатка за консолидација на регионот и за европската интеграција на двете земји

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска во Охрид информираше за средбите со претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и со премиерот на Република Косово Албин Курти.

„Сакав лично да им укажам на важноста која како земја сосед на Србија и на Косово, ја посветуваме на овој состанок и да им посакам успех во дијалогот, бидејќи цврсто верувам дека е неопходен и единствен пат до решение во демократскиот свет во 21-от век. Дијалогот е единствената алатка за консолидација на регионот и за европската интеграција на двете земји“, порача Ковачевски.

Ковачевски нагласи дека „отворен дијалог, со кој се решаваат отворените прашања од различни аспекти, е од огромна важност и за регионалната стабилност, одржувањето на мирот и патот кој води кон просперитетна иднина, не само за Србија и Косово, туку и за целиот регион“.

Премиерот на Северна Македонија истакна дека предлогот на ЕУ има потенцијал  да ги нормализира односите на Србија и Косово и да придонесе кон севкупната стабилност.

Ковачевски соопшти дека ги охрабрил претседателот Вучиќ и премиерот Курти да бидат конструктивни и да имаат продуктивен ден и изразам и благодарност до Соединетите Американски Држави, за нивната континуирана поддршка на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Во продолжение на својата изјава Ковачевски рече дека Република Северна Македонија не случајно е избрана како земја домаќин на овој дијалог.

„Северна Македонија денес е препознаена како почитуван партнер на меѓународната заедница и фактор на стабилност во регионот. Договорите кои ги потпишавме: Охридскиот, Преспанскиот како и Договорот за добрососедство, се потврда за нашиот европски дух, за затворање на прашања со кои го трасираме патот на иден развој на земјата. Владата, предводена од мене и  СДСМ, спроведува политики на решавање, а не политики на создавање проблеми“, истакна Ковачевски во својата изјава за медиумите после неговите билатерални средби со Вучиќ и Курти во Охрид.

Ковачевски уште потенцираше дека земјите во регионот имаат раководства кои се однесуваат европски, а нивните земји заслужуваат европска перспектива.

Зачлени се на нашиот е-билтен