Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Бехтел и Енка“ не се „Синохидро“

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Капиталните инвестиции во патната инфраструктура продолжуваат со несмалено темпо. Во оваа фаза на интензивно градење патишта Македонија наликува на Хрватска кога ја создаваше мрежата „цести“ преку кои успешно се превезе до ЕУ.

За кратко време се изградени експресните патишта Штип- Кочани, а пред тоа беше пуштен во употреба патот Штип-Радовиш. За една година два експресни патишта вредни 110 милиони евра. Да не се заборави дека претходно беше довршени и пуштени и делницата од автопатот „Пријателтсво“ на потегот Демир Капија-Смоквица и експресниот пат Миладиновци-Штип.

Експресниот пат Градско-Прилеп за кој со децении само се зборуваше денеска се гради со одлична динамика. Четвртиот експресен пат е оној од Ранковце кон Крива Паланка по нова делница и траса.

Сепак можеби еден од најзначајните мега проекти е изградбата на 110 км автопати од коридорот 8 и коридорот 10. Во нив спаѓа делницата Прилеп-Битола од коридорот десет и од коридорот осум Тетово-Гостивар, Гостивар-Кичево и Требеништа-Струга-Ќафасан.

Но наместо задоволство од фактот што конечно успеавме пред Брисел коридорот осум да го доведеме на ниво на главен Паневропски коридор, кој досега беше третиран како спореден, овој витален за Македонија проект стана „контроверзен“ уште пред и да почне да се гради по „заслуга“ на опозицијата. 

Со сите сили ВМРО-ДПМНЕ поткрепено со медиумите, се обидува да го претстави како проект на корупција еднаков како оној што тие го направија со Синохидро градејќи го промашениот автопат Кичево-Охрид кој ни господ не може да го оправи.

Но, за разлика од нив овој пат изборот за изградба на коридорите 8 и 10 оваа Влада му го довери на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

„Бехтел“ била градител на брана Хувер

Она што македонската јавност треба прво да провери е која е компанијата што ќе ги гради коридорите, односно дали е доволно кредибилна и квалитетна за задачата која и е доверена, за да не се случи да добиеме уште еден автопат како оној од Кичево до Охрид што го градеше кинеската компанија „Синохидро“, кој не чини многу, а се уште не е во функција.

Уште на прв поглед се гледа дека разликата во бизнис портфолиото меѓу Бехтел и „Синохидро“ е огромна.

Само податокот дека е основана 1898, или пред 125 години  влева респект кој не може да  се пренебрегне.

Основачот на компанијата Ворен Бехтел почнал да гради пруги во САД, кога овде за тоа можело да се слушне само од е првите македонски печалбари кои заминале во туѓина.

Листата на проекти што ги гради оваа компанија е долга, а како показател за нејзиното кредо може дабиде  фактот што во 2022 година, Engineering News-Record го рангираше „Бехтел“ како втора по големина градежна компанија во Соединетите држави.  Компанијата е прогласена за најдобар американски изведувач според приходите од Engineering News-Record 20 години по ред и е рангирана на 12-тото место на листата Топ 250 меѓународни изведувачи на публикацијата според приходите за 2018 година.

Освен пруги и патишта на почетокот на својата кариера, оваа компанија се повеќе навлегува во изградба на големи проекти како што е Хуверовата брана, најголемиот од ваков вид во историјата на САД во тоа време и првиот мегапроект на Бехтел.

Фотографија од 1935 година од изградбата на браната Хувер, најголемиот градежен проект на САД до таа година

Првата работа на „Бехтел“ надвор од САД беше изградбата на нафтоводот Мене Гранде во Венецуела во 1940 година. Во текот на 60-тите и 70-тите, оваа компанија беше вклучена во изградбата на 40% од нуклеарните централи во Соединетите држави.

Меѓу другите мегапроекти на кои работи „Бехтел“ се главните аеродроми во Саудиска Арабија, како и аеродромот во Хонг Конг вреден 20 милијарди долари.

Во 1987 година, „Бехтел“ доби договор за управување со тунелот под Ла Манш. „Бехтел“, исто така, управуваше со дизајнот и изградбата на објекти за Летните олимписки игри во Барселона, Зимските игри во Нагано, Јапонија, Зимските олимписки игри во Солт Лејк Сити, Летните олимписки игри во Лос Анџелес.

Меѓу проектите на конзорциумот „Бехтел и Енка“ спаѓаат и автопатот Анкара-Гереде во Турција како дел од мрежата на патишта што ги поврзува Европа и Азија,  Хрватските автопати,  како и автопатот што го поврзува главниот град на Косово, Приштина, со Македонија. Оваој конзорциум го гради метрото во Вашингтон D.C., метрото во Атина,  јубилејното продолжување на линијата за лондонското метро,  изградбата на линиите Еден и два на метрото во Ријад, Саудиска Арабија.

Бехтел има изградено повеќе од 17.200 милји (27.700 km) пат, 390 електрани, 50 хидроелектрични централи, како и 20 градови на глобално ниво. Работел на 300 проекти за метро и железница, 80 проекти за пристаниште и пристаниште и 96 големи аеродромски проекти.

Единствената контроверза поврзана со оваа компанија е онаа со изградбата на Романската Автострада 3.  Проценетите трошоци за изградба беа 2,8 милијарди евра во 2003 година и се зголемија на 4,7 милијарди евра според проценката од 2007 година. По повторното преговарање за договорот што се случи во јуни-јули 2011 година, Бехтел се согласи да ги намали трошоците за градба по километар за 50% на 6,9 милиони евра.

Иако официјално крајниот рок беше поставен за 2013 година, крајната цена и датумот на финализација останаа непознати.

Последиците од проблематичното портфолио на „Синохидро“

А еве што ќе најдете на интернет ако го пребарувате деловното портфолио на кинеското

„Синохидро“ кое го градеше и го упропасти автопатот Кичево-Охрид. Изградбата на автопатот започна на 22 февруари 2014 година и требаше да чини 375 милиони евра. Досега се потрошени 9 години и дополнителни 225 милиони евра, со проценка дека треба да биде завршен до крајот на 2023 година.

Оваа кинеска компанија, која е една од клучните компании за изградба на автопати, има многу сомнителен меѓународен углед. Во различни периоди, влади на повеќе земји и претставници на организации ја обвинуваа оваа компанија за корупција, мамење, злоупотреба на буџетски средства, неквалитетни градежни работи, нечесно партнерство…

Во една од најновите анализи на Институтот за безбедносни истражувања на Европската унија (EUISS) се посочува дека кинеските инвестиции во инфраструктурата на Западен Балкан ја поттикнуваат и онака раширената корупција. Институтот со седиште во Париз, чии анализи ги следат Европската комисија и другите тела на ЕУ, го поткрепува ова тврдење со податоци дека претходните 5,5 милијарди евра кинески инвестиции во патишта и железници дошле во Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.

Истрагата на Канцеларијата за интегритет и антикорупција покажа дека „Синохидро“ корпорацијата погрешно го претставила дури и своето претходно искуство со проекти користејќи непостоечки договори како референци.

Синохидро, исто така, беше казнет за лоши перформанси и беше критикуван за своите проекти во места како Мјанмар и многу африкански земји.

Веројатно изгорени од претходното искуство со Синохидро во градењето патишта во Македонија, ние ќе продолжиме да дуваме и во јогурт на секоја понуда што во иднина ќе доаѓа. И тоа е оправдана превентивна загриженост, и затоа медиумите, институциите надлежни за корупција како и целокупната јавност нека си ја бркаат работата и нека внимаваат на секој детал од процедурата.

Но, Македонија не смее да престане да гради. Мора да ја гради патната и железничката инфраструктура и тоа овој пат на најдобар можен начин.

„Ако има дискусии, претпоставки  индикации дека нешто матно се работи има институции. Законитота и владеење на правото мора да го кренеме на повисоко ниво има обвинителство“, вели вицепремиерот за економмски прашања Фатмир Битиќи.

Во договорот со Бехтел и Енка стои дека 51% мора да бидат домашни подизведувачи. Ако договорот е 1,3 милијарди евра, тоа се 650 милиони евра кои ќе одат кај домашните компании.

Договорот со „Бехтел и Енка“ ќе остане во историјата како еден од проектите што значително ќе ги промени однесувањето и навиките на градење инфраструктурни капитални инвестиции, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој додаде дека на почетокот на 2028 година граѓаните ќе се возат по новите автопати.

Конечно е дојдено време да покажеме нов начин на градење, кажа Фатмир Битиќи затоа што изминатите 30 години во земјава се граделе по пет километри патишта годишно.

Зачлени се на нашиот е-билтен