Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Со полна пареа се гради спорната 17-катница во Карпош, вчера блокирале пристап до бензиска

И покрај бројните апели од граѓаните и здруженијата до министерот за транспорт Александар Николоски во изминатиов период даде многу изјави дека јавниот интерес му бил во прв план, особено кога се работи за општина Карпош и Центар, каде според него не смее да има нови станбени згради, сепак со забрзано темпо никнува висококатницата чија дозвола за градба ја потпиша градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.

Комплексот згради, поточно 17- катница, се гради позади Поликлиника Букурешт, во близина на болницата 8-ми Септември е привремено заштитено добро, а инвестиортите неколку пати добиваа негативно конзерваторско мислење, за на крај сепак да им биде одобрена градбата, за што има отворено предмет во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Во текот на вчерашниот ден, инвеститорите на спорната зграда кај Воена Болница го узурпираа пристапниот пат до бензинската „Макпетрол“ на Партизанска. Без дозвола, на приватниот имот од јавен интере на компанијата е поставена градежна механизација на ЗСФ Ком на Фатмир Етеми и Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ формирана од „Орка Холдинг“ на Орце Камчев.

Според информациите со часови граѓаните беа спречени да дојдат на бензинската затоа што камиони и кранови за градба неовластено се поставиле.

Сѐ започнало во попладневните часови кога вработените на бензинската забележале градежна машина дека се поставува на пристапната улица што води кон објектот, каде што е узурпиран дел од улицата и отежнато движењето на возилата

-Ние сме инвеститори, а не изведувачи на работите и не го блокираме пристапот кон бензинската“, одговориле за Телма од фирмата ЗСФ Ком во сопственост на Фатмир Етеми.

Вториот инвеститор е фирмата Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ која своевремено била формирана од „Орка Холдинг“.

Од Општина Карпош велат дека градежните работи смее да се одвиваат само со дозвола на сообраќајната полиција, но никако не смеат да го загрозат движењето на жителите и фирмите во околина.

Членот 14 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е јасен. Во него се вели дека правните и физички лица кои изведуваат работи на јавен пат се должни да го обезбедат местото на изведување на работите, а правните и физички лица пред започнување на работите се должни да обезбедат одобрение за времена измена на режимот на сообраќајот од надлежен орган.

Правните и физичките лица се должни најмалку 24 часа пред започнување со времена измена на режимот на сообраќај да го известат МВР и правното лице надлежно за одржување на јавниот пат, а потоа по завршување на работите да ги отстранат од јавниот пат средствата за работа, остатоците од материјалот, сообраќајните знаци, браниците и другите предмети кои се наоѓаат на патот.

На правното лице од ставот (1) на овој член, кое постапува спротивно на одредбите од ставовите (1), (3), (7) и (8) на овој член ќе им се изрече глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност, се вели во член 14, став 9 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

По неколку часа откако камионите ја завршиле работата интервенирала полицијата. Според МВР правното и одговорното лице добиле пријава согласно законот. Оваа градба со месеци е во фокусот на активистите и граѓаните.

Пред еден месец, една од членките на невладината организација „О2 Иницијатива“, добила телефонска закана да престане да реагира против изградбата на зградата кај „Воена болница“, информираа тогаш од невладината.

Активистите бараат итно поништување на издаденото одобрение за градење за т.н. 17 катница, односно комплексот на згради.

Од Иницијативата О2 потсетуваат дека незаконски било добиено позитивно конзерваторско мислење за одобрение за градење на зградата која се гради во заштитното подрачје кај „Воена болница“.

Од оваа невладина организација пред повеќе од триесет дена побараа од министерот за транспорт Николоски, согласно неговите надлежности да ја стопира градбата на овој спорен објект затоа што претходно и самиот министер тврдел дека во Карпош повеќе нема да се гради.
Иако е поминат законскиот рок, министерството сѐ уште не се изјаснило дали ќе ја стопира градбата, а О2 побарале и од Управниот инспекторат да постапи во однос на нивното барање.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново