Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Апасиев се солидаризира со Хамас, Атанасоски: Левица е целосно проруска партија и e на страната на противниците на САД

Ултранационалистичката Левица на Димитар Апасиев до Собранието достави Резолуција за осуда на „израелската окупација“. Најголемите политички партии во земјата, без оглед на тоа што веќе ги изнесоа своите ставови во јавноста во врска со војната меѓу Израел и Хамас, немаат став во врска со документот што го поднесе Левица.

„Ќе ја разгледаме предлог декларацијата на партијата Левица во Собрание и ќе се произнесеме“ – велат од СДСМ за „Фронтлајн“.

И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за „Фронтлајн“ изјавија дека предлог Декларацијата уште не е доставена до пратениците во Собранието. Кога ќе биде доставена, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја разгледа содржината и ќе заземе став.

Претходно, премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, објави дека силно и недвосмислено ги осудува терористичките напади на Хамас врз Израел.

„Силно и недвосмислено ги осудуваме терористичките напади на Хамас врз Израел. Нашите мисли се со израелскиот народ, со кој се солидаризираме и сочувствуваме. Апелираме за решенија преку дијалог, на светот му е потребен мир“, стои во објавата на Ковачевски.

Пратениците на Левица до претседателот на Собранието поднесоа предлог-декларација за солидарност со палестинскиот народ и осуда на, како што велат, „израелската окупација“.

Политичките аналитичари, пак, гледаат лицемерие во ставовите на Левица во однос на израелско-палестинската војна и руската агресија врз Украина.

– Од една страна, оправдувате бестијална воена агресија од една суверена врз друга суверена држава, под претекст дека се загрозуваат етничките права на руско-јазичното население во Источна Украина, а во случајот на Израел и Палестина, велите дека еврејската држава врши геноцид врз невиното палестинско население, без да ги споменете 1.400 загинати невини цивилни жртви од грозоморниот терористички напад на Хамас. Едноставно, Левица е целосно проруска партија и секогаш ќе биде на страната на противниците на американската надворешна политика во меѓународните односи и политика, бидејќи е финансиски поддржана од проруски извори на средства, изјави за „Фронтлајн“ политикологот Благојче Атанасоски.

Од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, властите и одредени невладини организации во многу земји пријавија зголемување на антисемитизмот, додека големиот број цивилни жртви во Газа предизвикани од одговорот на Израел дополнително ги зголеми тензиите, пишуваат светските медиуми. Во Обединетото Кралство, лондонската полиција соопшти дека меѓу 1 и 18 октомври биле пријавени 218 антисемитски злосторства од омраза, 13 пати повеќе отколку во истиот период минатата година.

Една неодамнешна студија на Лигата, покажа дека антиеврејските ставови остануваат вкоренети во 10 европски земји, при што околу секој четврти човек има антисемитски верувања, особено лажни верувања за Евреите и парите и дека Евреите ги контролираат владите.

Лигата за борба против клевета откри дека, од шесте земји испитани во Западна Европа, Шпанија остана земја со највисоки нивоа на антисемитски ставови, со 26 отсто од населението кои имаат широки антисемитски верувања, проследено со Белгија (24 отсто), Франција (17 проценти), Германија (12 проценти) и Велика Британија (10 проценти). Во Холандија, само шест отсто од испитаниците имале антисемитски ставови. Во Источна Европа, Лигата откри високи нивоа на антисемитски верувања во Унгарија (37 проценти) и Полска (35 проценти).

Дестан Јонузи

Извор: Фронтлајн.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен