Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бајден објаснува: За малку ќе заспиев на дебатата заради „џет-легот“

Американскиот претседател Џо Бајден го обвини „џет-легот“ – нарушување на биолошкиот ритам, или појава на замор како последица на менување повеќе временски зони – за неговите лоши перформанси во минатонеделната дебата на Си-Ен-Ен. Тој им рече на новинарите дека „не бил многу паметен“ бидејќи „неколку пати патувал низ светот“ пред дебатата.

Настапот на Бајден во дебатата беше оценет како катастрофален. За време на дуелот, тој даде низа некохерентни и збунувачки одговори на прашањата. Застануваше и не ги завршуваше речениците. „Не го слушав мојот персонал… а потоа за малку ќе заспиев на сцената“, призна тој.

81-годишниот Бајден се врати од последното патување на 15 јуни, што е речиси две недели пред дебатата на 27 јуни, пишува Би-Би-Си. Изјавите на Бајден доаѓаат во време кога во Демократската партија се појави загриженост за неговите ментални способности.

Конгресменот од Тексас, Лојд Догет, стана првиот актуелен демократски пратеник кој го повика Бајден да се повлече од трката за втор претседателски мандат. Се надевам дека ќе ја донесе болната и тешка одлука да се пензионира“, изјави вчера Догет.

„Тоа не е изговор, тоа е објаснување“, рече Бајден за време на вчерашната посета на Вирџинија, осврнувајќи се на неговите патувања. Тој се извини за настапот и истакна дека му е исклучително важно да победи на изборите. Бајден отпатува во Европа двапати во текот на две недели во јуни.

Белата куќа претходно објави дека Бајден се борел со настинка на денот на дебатата. Сепак, претседателот во вчерашното обраќање не спомена никаква болест. Портпаролката на Белата куќа рече дека Бајден не земал никакви лекови пред дебатата.

Бајден помина шест дена во Кемп Дејвид, претседателскиот ресорт надвор од Вашингтон, подготвувајќи се за неговата дебата против Трамп. „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на неименуван извор запознаен со распоредот на Бајден, објави дека неговите денови започнуваат во 11:00 часот и дека тој има време за „дремење“ секој ден.

Весникот исто така објави дека Бајден бил толку исцрпен од патувањето што неговите подготовки за дебата биле скратени за два дена за да му се овозможи време да се одмори. Ендрју Бејтс, портпаролот на претседателот, ги демантираше медиумските извештаи, велејќи дека Бајден почувал да работи „далеку пред“ 11:00 часот, веднаш откако ќе ги завршел утринските вежби.

Возраста на Бајден стана едно од главните прашања на овие избори, при што гласачите во повеќе анкети велат дека мислат дека претседателот е премногу стар за да биде ефективен. Бајден вети дека ќе остане во трката, и покрај зголемениот притисок да се откаже. Тој во петок треба да даде интервју за ABC News во прајм-тајм, што е негово прво интервју по дебатата.

Бајден има 81, а неговиот ривал Доналд Трамп 78 години.

Зачлени се на нашиот е-билтен