Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Јубилеј на Културно Уметнички Работници, филмови на Столе Попов, поезија на Биљана Стојановска, изложба во МСУ

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме концерт, филмови, книга, изложба… Гледајте, читајте, слушајте…

Концерт: 25-годишен јубилеј на Културно Уметнички Работници

В сабота, на 25 мај, во Младинскиот Културен Центар ќе се одржи концерт по повод 25 годишнината од активната работа на рок групата Културно Уметнички Работници. Јубилејот ќе биде одбележан и со публикување на новата плоча со наслов „25 МАЈ“, која што всушност претставува концертен албум со „бест оф“ материјал на бендот, снимен во живо на 25.05.2021 година во Киното Фросина во МКЦ. Тон-снимател на албумот е Ненад Трифуновски Трипе, миксот и мастерингот се на Дени Крстев од студиото „1060“, а издавачи се „Корпус Деликти Рекордс“ и „Кичма Рекордс“. Kонцертот се реализира со поддршка на Министерството за култура.

Во својата 25 годишна кариера, „Работниците“ имаат објавено 6 студиски албуми, 1 анплагд албум, а концертниот албум „25 МАЈ“ ќе биде нивно прво издание објавено и на плоча. Покрај тоа сите изданија на бендот се дигитално објавени и може да се превземат од платформата Бендкамп, а може да се преслушуваат и на сите останати стриминг платформи. На концертот „Работниците“ ќе се претстават со двочасовен сет и репертоар од сите нивни изданија.

Групата „Културно уметнички работници“ постои од март 1999 година. Формирањето на овој состав е резултат на големото дружење во Кафе барот „Браво“ помеѓу членовите на групите „Тотално Опуштање“, „No Name Nation“, „Бомбашки Процес“, „Жолтица на Бродот Баунти“ и „Рок Агресори“. Имено членовите на овие групи решија заеднички, со здружени сили да допринесат за промовирање и ширење на рок културата во Македонија.

Од 1999 година, кога е формирана, па се до сега, групата „Културно уметнички работници“ има одржано голем број на самостојни концерти и има свирено на сите позначајни фестивали во Македонија и регионот, како што се: Alarma Punk Jazz Festival 2023, Sofia; Taksirat 2018; D-Festival Dojran 2018; Dok’N’Ritam 2017, Belgrad; D-Festival 2015, Dojran; Vola Open Air 2013, Vratza; Pivo Lend, Skopje, 2008, 2014, 2015, 2023; Alarma Punk Jazz Festival 2009, Sofia; Exit Festival 2008, Novi Sad; Gitarijada 2005, Zajecar; Fusion Festival 2003, Prespa; Alarm festival 2002, Ohrid; Rock Fest 2000, Skopje; Taksirat 1999, Skopje. „Работниците“ до сега сцената ја делеле со бендови како: Kud Idijoti, Let 3, Elektricni Orgazam, Rambo Amadeus, Zabranjeno Pusenje, Riblja Corba, Darko Rundek…

Филм: Врачување на наградата „Златен објектив“ на Столе Попов и проекции на „До балчак“ и „Тетовирање“

„Златниот објектив“, наградата што ја доделува Кинотеката, годинава ќе му биде доделен на Столе Стојан Попов – режисер, сценарист, продуцент и автор, кој во голема мера ја задолжил националната кинематографија со својот наградуван филмски опус, но и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на филмската уметност и филмското образование.

Наградата ќе му биде врачена на пригодна свеченост в среда (29 мај) на пладне во Кинотеката.

Столе Попов е роден 1950 година во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – ОГАН (1974) и АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет. Од 1978 година, се вработува во „Вардар филм“ – и веќе следната, 1979 година, со ДАЕ, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонскта, туку и на југословенската кинематографија во тоа време.

Првиот негов долгометражен игран филм – ЦРВЕНИОТ КОЊ, го реализира во 1981 година. По тоа следуваат долгометражните филмови СРЕЌНА НОВА ‘49 (1986), ТЕТОВИРАЊЕ (1991), ЏИПСКИ МЕЏИК (1997) и ДО БАЛЧАК (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“ во тоа време.

Во 2011 година – неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание – што воедно беше и првиот проект за дигитална реставрација реализиран од страна на Кинотеката.

Речиси сите негови филмови – и документарните и играните – се наградувани на бројни регионални и на светски фестивали, а некои од нив – како на пример ТЕТОВИРАЊЕ и СРЕЌНА НОВА ’49 – се здобиваат и со култуен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика, и тој статус само се зголемува и продлабочува со минувањето на времето…!

Месец мај во Кинотеката беше и „месец на филмовите на Столе Попов“, каде што се прикажуваат сите негови дела. До крајот на месецов имате шанса на класично кино платно да ги видите „До балчак“ (To the Tilt) на 25 мај (сабота) од 20 часот и „Тетовирање“ (Тatoo) на 29 мај (среда) од 20 часот.

Книга: Поетска збирка на Биљана Стојановска

Промоција на книгата „Додека спиеш“ од македонската поетеса Биљана Стојановска ќе се одржи в понеделник (27 мај), во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 20 часот. Ова е трета поетска збирка на авторката, a прва во издание на „Чудна шума“. Дизајнот на корицата го изработи Хари Дудески.

Промотор ќе биде писателката Билјана Црвенковска, стихови ќе интерпретираат Ана Голејшка Џикова, Долорес Атанасова-Лори, Снежана Стојчевска и Елена Митреска. Поетскиот перформанс ќе биде придружен од музичката трупа „ВИС Тркалезна маса“ (Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Владимир Лукаш, Toма Димовски, Душан Кировски, Деан Шкартов).

Во рамки на промоцијата премиерно ќе биде промовиран и кус поетски филм, директно инспириран од книгата „Додека спиеш“, чиј автор е српската актерка и поетеса Валентина Бактијаревиќ. Главна актерка во филмот е српската уметница Сузана Вуловиќ, која живее и работи во Лондон, стиховите ги интерпретира поетот Ѓоко Здравески, а музиката е на уметникот Владимир Лукаш.

„Стојановска умее со природноста на Господинов, да напише стихови за празнење на цревата и тоа да биде поетично. Умее во песните да даде неочекуван пресврт или ефект на изненадување, но умее и од реалност незабележливо да нѐ внесе во бајка и да нѐ воодушеви со магичниот реализам. Да ни раскаже приказна за камионот со сладолед и за вкусовите на летото среде зима, но и да нѐ тресне од сивиот бетон и да нѐ врати во реалноста на болничките соби каде што луѓето се обидуваат да си го вратат достоинството и да си ја задржат главата на рамена“ – вели Снежана Стојчевска во рецензијата за книгата.

Биљана Стојановска е родена 1984 година. Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.
Во 2015 година ја објави нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“ во издание на „Антолог“. Добитник е на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа“ (2018, „Галикул“). Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, кинески, српски, полски, словенечки јазик, а застапена е и во повеќе списанија за литература и антологии.

Изложба: „Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“ во МСУ – Скопје

На 28 мај, во 20 часот во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена интернационалната изложба „Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“, организирана oд Институтот за меѓународни односи во културата (ИФА) и МСУ-Скопје, а курирана од Сузан Вајс, Инка Гресел и Јованка Попова

За посетителите кои се заинтересирани да ја погледнат изложбата со личен кустос водич, истата вечер во 19.30 часот, пред официјалното отворање, кустосот Бојана Јанева со дел од присутните уметници ќе проговори за концептот на поставката пред присутните.  

Уметници чии дела ќе бидат изложени се: Ула вон Брандеребург, Кристина Божурска, Јане Чаловски и Христина Иваноска, Ноа Ешкол, Андреас Екнер, Ули Фишер, Зиле Хома Хамид, Хајде Хинрикс, Олаф Холзафел, Криста Џетнер, Елиза ван Јоолен и Винсент Вулзма, Јован Јосифовски, Ева Мајр и Еран Шаерф, Карен Мишелсен Кастанон, Џудит Раум, Франц Ерхард Валтер, Зорица Зафировска и Клелија Живковиќ; заедно со инсталацијата „Простор Баухаус“, визуелна архива за историјата на работилницата за ткаење во комплексот Баухаус Десау и Вајмар (уметничко истражување: Џудит Раум; дизајн: Јакоб Кирш; архитектура: S.T.I.F.F.) и уметнички дела од уметниците застапени во Колекцијата на МСУ-Скопје: Соња Димитрова, Димче Коцо, Јоланта Овидска, Исмет Рамичевиќ, Лиза Рехштеинер, Мира Спировска, Душко Стојановски, Патриција Веласко Уалин.

Текстилот е во основата на патувачката изложба организирана од ИФА, со фокус на прашањата: „Кои значења и пораки се својствени за ткаенините?“, „Каква е нивната културна важност?“, „На кој начин можат да се „прочитаат?“, „Што пренесуваат ткаенините за нивното потекло, значења и општествени улоги?“ и „Кои традиционални текстилни техники уметниците ги апроприираaт, издвојуваат, релоцираат и враќаат во живот?“. Текстилот претставува локус во кој уметноста, доаѓа во допирна точка со рачните изработки, традицијата се среќава со сегашноста, а локалното познавање се испреплетува со глобалните односи.

Изложбата ги истакнува бројните комплексни начини на работа со текстил на уметниците – учесници. Личните и естетските наративи се поврзани со општествените и економските конфигурации во глобалниот свет. Во 1965 година, Баухаус уметницата Ани Алберс го опиша „настанот од една нишка“ како мулти-линеарен, без почеток или крај: во главно, неговото значење е постојан простор за преосмислување на односите и преструктурирање на врските и контекстите. 

Уметницата Џудит Раум го создаде „Просторот Баухаус“, инсталација посветена на Баухаус работилницата за ткаење. Се среќаваме со преткаени материјали и историски платна во специјално дизајниран дисплеј, преку кој се раскажува извонредно успешната приказна во шест поглавја. 

Сведоштва за комплексните записи на текстилот врежани во културната и индустриската историја се среќаваат на секој агол од светот. Во политичка клима обележана со студенило и суровост, ткаенините имаат моќ да евоцираат спомени од некогашни потопли, похумани времиња, да потсетат на вредноста на рачната работа, да повикаат на емпатија и солидарност. Оттука, во соработка со современи домашни уметници, основната поставка од изложбата е надополнета со уметнички дела, кои создаваат нови наративи значајни за текстилот во локалниот контекст и нивниот ангажиран одговор на различни состојби на опресија, системска, но и интерперсонална.

Делата од колекцијата на МСУ – Скопје, пак, во овој контекст се изложени, не само како сведоштва за живите искуства и сеќавања произлезени од земјотресот, туку и како силен потсетник денес за потребата од прекинатите нишки на глобални мрежи на поддршка и емпатија кои трагичниот настан на лична и колективна загуба го трансформираат во модел на транснационална солидарност“, вели кураторката Јованка Попова.

Изложбата е поддржана од Германската амбасада – Северна Македонија и Гете институтот – Северна Македонија и Тиквеш.

Изложбата ќе биде отворена до 2 септември 2024 година.

Треба да знаете
Moже да ве интересира