Мицкоски и Николоски ја претворија ВМРО-ДПМНЕ во партија за пред гранапче

„Мангупот од пред гранапчето“ кога сите ракоплескаа заради остварената стратешка цел – членство во НАТО, тој стана, и од што не знаеше што да прави со рацете, замислете – почна да си ги крева пантолоните, да си го подместува „андрвеарот“. Какво непочитување! Каков безобразлук!

Зоран БОЈАРОВСКИ

Мицкоски направи уште еден чекор со кој ја зацврсти својата позиција и амбиција да биде – и да остане – „премиер“ на опозицијата. Уште еден чекор за да остане на погрешната страна на историјата. Како и многу пати досега кога треба(ше) да се преземе одговорност, да се донесе голема одлука за иднината на земјата и на граѓаните на Македонија.

Се „закопа“ на овие позиции со одлуката да не учествува во работната група за подготовка на уставните измени, а се „забетонира“ со лапнатата јадица со за нив примамливиот мамец во хрватскиот устав наречен – „малцинства“.

И сето тоа заради аматерската белеферска игра со која Мицкоски и Николоски ја претворија ВМРО-ДПМНЕ во партија за пред гранапче.

Затоа во една претходна колумна на Рацин.мк беше напишано дека Мицкоски не го познава концептот на македонската држава кога очигледно е дека афирмира и застапува само поделби.

Таква е актуелната кампања да го пресликаме Уставот на Хрватска и на „наш терен“ и повторно да ги разбудиме злите националистички духови кои не знаат за ништо друго освен да делат.

Дури и во „технологијата“ со која си замислуваат тоа да го направат Мицкоски и неговиот „дупликат“ Николоски ги внесуваат фантазмагориите на поделбите.

Овие апсурдните потези на Мицкоски Ерол Ризаов исклучително добро ги препозна во „елементарната логика“ на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ: „Политичката партија која ќе обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието ќе одлучи дали и какви уставни промени ќе има. Значи, промени на Уставот ќе има, но кога, за тоа ќе одлучува владата на ВМРО ДПМНЕ. Со други зборови, за македонските Бугари да влезат во Уставот заедно со други помали заедници  за да продолжат  предпристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ неопходни се предвремени парламентарни избори на кои ќе победи ВМРО ДПМНЕ“.

Ете тоа е таа „елементарна логика“ која како таква мора да доаѓа од бајачката која очигледно ја извадија од некоја заборавена канцеларија во белата палата каде што ја затурил Груевски.

Ѝ ја избришаа прашината и – оп: Ќе ти исполнам три желби, им рекла бајачката.

Мицкоски си посакал да победи на изборите, да биде премиер и да го промени Уставот со малцинства во него, освен државотворност за Македонците.

Таквата „елементарна логика“ на Мицкоски ги отфрла сите други логики на науката и на реалната политика на кои му укажуваат сите здраворазумски професионалци во земјата и пошироко.

Еве, на пример, професорката на Правниот факултет Ана Чупеска му вели дека „не е без причина тоа што културните групи во нашиот Устав се именуваат како заедници, а не како малцинства“. Потоа, за да биде уште појасно, таа му „црта“ дека „научните кругови јасно укажуваат дека терминолошки ‘малцинството’ може да имплицира расна или културна хегемонија, маргинализација, и дека има тенденција да создаде уставно хиерархизирана фабрикација на супериорност на една група врз друга“.

Ама кој може на Мицкоски да му објасни дека неговата „елемантарна логика“ мириса на мувла од толку што е заостаната кога сака да ги врати малцинствата и дека таа негова „логика“ како што убаво ја дијагностицира Чупеска не е ништо друго освен „дискриминаторска реторика која што фактички, не прави ништо друго освен што отвора можност да ги репродуцира структурите на репресија и супрематизам. Но, во етнопопулистичка вмровска вредносна платформа – тоа нив ги одржува живи и покрај тоа што знаат дека токму ова беа и едни од главните причини за конфликтот од 2001“.

Затоа не можеме, а да не се согласиме со професорката Чупеска кога вели дека тоа што го застапува ВМРО-ДПМНЕ за промена на Уставот е „предлогот за етноцентричен и национално ексклузивен Устав е надреален и деструктивен, а и со тенденција да ги разгори меѓуетничките односи кои се суштествени за опстанокот на нашата држава“.

Затоа тој е на погрешната страна на историјата и на сегашноста и на иднината.

Се прашувам: Какво е тоа чувство? Каква е таа емоција со којашто бил исполнет Мицкоски, на пример, на свечената седница на Собранието кога беше прогласено дека Северна Македонија е членка на НАТО? Во таков момент кога сите ракоплескаа заради остварената стратешка цел, тој стана и од што не знаеше што да прави со рацете, замислете – почна да си ги крева пантолоните, да си го подместува „андрвеарот“. Какво непочитување! Каков безобразлук!

Штета што нема да му го гледаме сеирот кога на иста таква седница во Собранието, кога ќе биде соопштено дека Северна Македонија успешно ги завршила преговорите и станала нова членка на ЕУ. Нема да му го гледаме сеирот затоа што тие што подолго време се на другата страна на историјата, историјата ги „исфрла“ од својот организам, како туѓо тело, како вирус што ќе се излачи со телесните течности.

А оној другиот, Николоски, он би ја „средил“ државата за 6 месеци до една година. Секако дека би ја „средил“, како „млада унионистичка сила“ имаше од кого да учи како се средува една држава – „заробена“.

И толку за него. Не заслужува повеќе. Единствено за што можеме да сочувствуваме со него е неговата губитничка позиција виз-а-ви Мицкоски. Замислете да имате такви амбиции, какви што има Николоски – да биде лидер наместо лидерот – и да бидете во сенка на една таква инфериорна фигура. Депрес, дефинитивно.

*

Кога дуваат ветришта на промени, некои градат ѕидови за да се заштитат од промените, а други градат ветерници и заедно со промените добиваат енергија или храна, во зависност од тоа за што ја изградиле ветерницата.

Во секој случај, овие вторите наместо да се заштитат од проблемите, ги претвориле во предизвик и нoва вредност.

Тоа е една од алатките што ги прави државите, општествата, народите со таков пристап да бидат високо на листата на прогресивни држави. Кон тоа треба да стремиме, а не да останеме на гајбата со пиво пред маалското гранапче.

Само Мицкоски не аплаудира за членството во НАТО
Треба да знаете
Moже да ве интересира