Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Српските медиуми за изборните резултати и победата на ВМРО ДПМНЕ и Гордана Сиљановска Давкова

Речиси сите агенции, ТВ и радио медиуми, како и електронските, од кои некои и со свои известувачи на лице место детално информираа за изборите и изборните резултати во Македонија.

Вечерта и утринава преку насловите „Политички земјотрес за враќање во минатото или нова влада“ од магазинот НИН и Би-Би-Си, „Гордана Сиљановска Давкова прва жена претседател на Северна Македонија“ РТС, Блумберг, Вести, „Промена на власта во Македонија Блиц, „Големо враѓање на десницата-На Македонците им прекипе“ Време кое наведува за “враќањето на власт на партијата која пред седум години беше сменета под притисок на уличните протести“, потоа „Ковачевски им честита на ВМРО-ДПМНЕ и Сиљановска на изборната победа“ ТВ Н1, Нова, „Голема победа на ВМРО ДПМНЕ и голем пораз на СДСМ“, српските медиуми неутрално и во детали ги објавуваа изборните резултатати на претседателските и парламентарните избори, извештаите од ДИК и од изборните штабови, а прес конференциите и на ДИК и на партиите преку продукцијата Видео Плус директно беа следени и во Србија, како и славеничката победа на ВМРО ДПМНЕ.

Доцна вечерта беше соопштена и честитката на претседателот Александар Вучиќ до сега новата македонска претседателка Гордана Сиљановска Давкова за победата со „желба за продолжување на јакнењето на врските меѓу двете држави со цел напредок и добробит на народите и регионот“ и одговорот на Сиљановска-Давкова дека „многу ги цени искрените честитки“.

Српските медиуми информираат и за говорот и пораките на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, како и за можното коалицирање со албанската „Вреди“ за идна македонска влада, наведувајќи ги роковите за избор на претседател, Собранието и доделувањето мандат на Христијан Мицкоски за иден премиер.

Веќе во текот на денот почнаа и првите анализи за големата победа на ВМРО-ДПМНЕ и на Гордана Сиљановска Давкова, за која Инсајдер, Ало и други медиуми преземајќи го Танјуг излегоа со наслов „Ги мрази предавниците, беше против албанскиот јазик – Која е новата македонска претседателка“ наведувајќи детали од нејзиното Си-Ви, се повикуваат на порталот Лидер дека е „против воведување на двојазичноста и албанскиот јазик, против Преспанскиот договор, но и страствен борец против криминалот и корупцијата“.

-Корупција без мерка, сиромаштија, сите нови условувања за патот кон ЕУ… Граѓаните на Северна Македонија ја пробуткаа опозициската ВМРО-ДПМНЕ до убедлива победа на парламентарните и претседателските избори, пишува ДВ на срспки јазик во насловот „Фијаско на социјалдемократите: Северна Македонија се движи надесно“.

Одредени провладини медиуми, како Ало излезе со насловот „Дали Скопје ќе го повлече признавањето на Косово? Што на Србија и носи промена на власта во Северна Македонија„ во кој историчарот Александар Раковиќ изјави дека „на Србија ќе и биде полесно на некој начин, но односот со Косово нема да се промени“.

-Се надевам дека ќе има потопли односи и дека ќе има промени од кои Србија ќе има малку корист, но многу малку. Некои поголеми промени нема да има, можеби во некои ситни работи ќе направат отстапки што СДСМ не би ги направил. Сега можеби ќе има простор за такво нешто, но во однос на Косово нема да има промени, наведе тој.

Овој весник излезе и со насловот „Крт на Курти во Собранието – Албин втера човек од доверба во Парламентот на Северна Македонија“.

-На вчерашните претседателски и парламентарни избори во Северна Македонија, Движењето Самоопределување на Албин Курти имаше тројца кандидати за пратеници, од кои Беким Чоку, советникот на Курти, успеа да обезбеди место во македонскиот Парламент, пишува Ало. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен