На регионалната конференција во Скопје на Меѓународниот ден на проверка на фактите, покрај организациите кои работат на ова поле, учествуваа и претставници на меѓународната заедница, на институции и медиуми од земјава и регионот.
Во својот говор, амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир истакна дека проверувачите на факти треба да работат независно и без политички притисоци врз нив. Според него, како што се наближуваат изборите, на површина излегуваат нападите врз проверувачите на факти.
„За жал, ова не се случува само во Северна Македонија, туку може да се очекува и во многу делови од Европа во наредните месеци, бидејќи ова е година на избори во повеќе земји…Затоа е наша одговорност и должност на државните институции да зборуваме јасно кога проверувачите на факти се загрозени. Ако не работиме на ова, тогаш се откажуваме од одбрана на демократијата“, рече Гир.
Покрај ризиците за време на изборите, на конференцијата се дискутираше и за други предизвици на земјите од регионот во справувањето со странските влијанија и дезинформации. Говорниците заклучија дека дезинформациите се проблем за безбедноста на државите, поттикнуваат омраза и насилство и ја подриваат довербата во институциите. Справувањето со дезинформациите треба да се интензивира, со зајакнување на проверката на фактите во медиумите, како и со медиумска едукација на граѓаните што ќе ја зголеми нивната отпорност кон дезинформациите.
(СМК)