Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Муслиу за ЦИВИЛ Медиа: Европски фронт нема да седи со скрстени раце, а СДСМ треба да најде „лек“ за нивните внатрешни фракции

ЦИВИЛ Медиа, во рамките на циклусот на интервјуа што ги прави овој период оствари разговор со политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Во ова интервју тој говори за очекувањата од новата Влада, евроинтегративниот процес, толкувањата на Договорот од Преспа, меѓуетничките односи и дали СДСМ може да се врати на победничките патеки.

 ЦИВИЛ Медиа: Со изборот на новата Влада на премиерот Христијан Мицкоски, како ја гледате државата во следните четири години, коментар по ова прашање?

 Алберт Муслиу: На почетокот треба да покажеме малку оптимизам и да им ги оставиме тие 100-те дена што ги имаат сите влади како стандард, додека како граѓанин на Северна Македонија се надевам дека сиот тој ентузијазам што го поврза со некои прашања, особено со борбата против корупција, доброто владеење, инвестиции, зголемување на стандардот тоа и да го реализираат.

Затоа, не треба да бидеме скептични уште на стартот, тие го добија мандатот, добија голем број гласови и тоа мора да го материјализират на дело. Сега нормално Владата не зависи само од премиерот, тој може само да дава насоки, туку зависи од сите делови на Владата кои треба да ги спроведат реформите и идеите и да ги стават во функција. Дали сум скептичен по некои прашања? Нормално, сум скептичен, бидејќи ова не е прва влада што владее, но дали тие треба да имаат политичка волја? Да, треба да имаат. Мене ме загрижува фактот што на експозето на премиерот не се поставија некои клучни теми.

ЦИВИЛ Медиа: Како ќе го коментирате ретерирањето на премиерот Мицкоски за време на читањето на заклетвата под уставното име ?

Алберт Муслиу: Ретерирањето на премиерот Мицкоски е тема за која тој треба да разговара со оние кои го гласале за неговите претходни ставови. Јас можам само да го поздравам тоа ретерирање и свесност. Тој е премиер на Македонија и има обврска да ја поедностави политичката сцена, а не дополнително да ја оживува, а како тоа ќе се одрази на неговите гласачи, тоа ќе треба да видиме и ќе бидеме сведоци во следниот период како ќе ја продолжи таа комуникација со гласачите и на средбата со граѓаните.

Можам само да го поздравам тоа ретерирање, додека нам како граѓани и како држава не ни треба отворање на фронт со Грција, туку ни треба затворање на тие тензии и фронтот со Бугарија, за да се надмине проблемот кој моментално не блокира за отворањето на поглавјата и да започнеме да ги исполнуваме обврските кои произлегуваат од отворањето на тие поглавја.

ЦИВИЛ Медиа: Сега кога Европскиот фронт оди во опозиција, дали мислите дека меѓуетничките односи може да претрпат некакво уназадување, гледате ли некаква опасност во овој сегмент?

Алберт Муслиу: Секако дека гледам, не е првпат тоа да им се случува на Албанците во Северна Македонија. Сум ги видел и надворешните и внатрешните реакции и верувам дека самиот факт што ДУИ излезе, а не гласаа „за“, бидејќи можеа да гласаат и „против“, е дека сакаат да го одржат спорот отворен за да се надмине проблемот кој, за жал или за среќа, не е регулиран со закон, но е дел од политичкиот живот во Македонија. Впрочем, имаше моменти кога македонските партии имаа повеќе од 61 пратеник, немаа законска и уставна обврска да ги поканат албанските партии во својата влада, па ги поканија. Двапати се има случено во Влада да партиципира албанска политичка партија која немаше повеќе мандати. Тоа еднаш се случи во 1998 година, и во 2006 година кога ДПА влезе во Влада и таа Влада не издржа долго, но спорот се одржа. А сега какви дејствија ќе направи Европскиот фронт, останува да почекаме и да видиме, но не верувам дека тие ќе го премолчат ова без да реагират се додека, според нив, не го добијат правото што го заслужуваат благодарение на гласачите и гласовите што ги добија на последните избори.

ЦИВИЛ Медиа: Што се однесува до европските интеграции, дали мислите дека новоизбраната Влада има стратегија да излезе на крај со ова прашање, што ја одржува и меѓуетничката кохезија. Тука е прашањето за уставните измени, а сега како тема се наметнува и толкувањето на Преспанскиот договор?

Алберт Муслиу: Со ретерирањето на премиерот, спроведувањето на Договорот од Преспа нема да биде тема. Но, оваа Влада ќе инсистира на исполнување на обврските што ги доби и грчката страна. Мислам дека оваа тема е разгледена и во Грција, особено од СИРИЗА. Мислам дека Грција ќе ги исполни оние услови кои, иако помалку, ги презеде со потпишувањето на Договорот од Преспа. Верувам дека овде нема премногу да се инсистира со самиот факт што премиерот ја искористи суштината на Договорот од Преспа, а тоа е употребата на уставното име, а другите делови се работи за технички, процедурални и законски обврски. Но, духот на Договорот од Преспа е да се дефинира името и да се направи разлика помеѓу античката историја и современата македонска историја.

ЦИВИЛ Медиа: Сега некако имаме и толкувања за употребата на уставното име на државата, каде и како може да се користи, додека грчката страна постојано не потсетува на „ерга омнес“ за употребата на уставното име. Дали мислите дека тука треба да се вклучи и Уставниот суд на Северна Македонија?

Алберт Муслиу: Договорот од Преспа е многу јасен. Уставниот суд може да ја види само уставноста на делови од Договорот од Преспа во согласност со уставниот поредок во Македонија. Договорот од Преспа е ратификуван и во Собранието, затоа Уставниот суд сега не може субјективно да пристапи кон Договорот од Преспа и не верувам дека некоја Влада ќе навлегува во таа тема. Се погоди моментот пред да се формира Владата во Македонија, а и во Грција беа европските избори и секако тоа што го направи претседателката Силјановска за време на нејзината инаугурација. Не верувам дека Грција ќе стане голема тема. Како и да е, Грците сега имаат изговор да ја афирмираат темава кога и да им е потребна, но не верувам дека ќе стане „спор“. Не верувам дека ни нашата Влада ќе биде толку невнимателна за да отвори друг фронт во фаза кога треба да се затвори друг дипломатски фронт, условно кажано со Бугарија. Повеќе ке се фокусират на ова прашање тоа како да добијат оправдување – усни или писмени гаранции од нашите европски партнери за да имаат оправдување за уставните измени, што верувам дека и тие уставни измени ќе се направат.

ЦИВИЛ Медиа: Сега малку за власта која ги загуби изборите, тука зборот е за СДСМ, според вас кои беа нивните недостатоци во големиот пораз што го претрпеа на изборите и дали може да се вратат. Дел од вината за овој неуспех им ја адресират и на ДУИ?

Алберт Муслиу: Сега најлесно да се префрли вината на некој друг. Секако, бројките го принудија СДСМ да биде малку покооперативна со политичките партнери, не само со ДУИ, туку и со сите други субјекти кои беа дел од Владата во различни периоди.

Сите политички партнери на СДСМ постапија коректно и внимателно, дали сега имало екцеси, секако дека имало. Но, тоа не значи дека тоа е причината поради која загубија. Сигурно не успеаја да се спротивстават на едно многу моќен и константен пи-ар на ВМРО-ДПМНЕ, кое циклично иницираше разни теми и постојано беше во напад. Посебно по локалните избори во 2021 година, СДСМ не успеа да го наметне својот наратив и наводно да ја води таа кампањска војна.

Во политиката има правило, ако вие не водите, тогаш ќе треба да одите позади некој, а ако следите некого, тогаш секако дека тој ги поставува правилата на игра. Има многу причини зошто СДСМ не успеа да ги мотивира своите гласачи да излезат и да гласаат. Да не заборавиме дека ВМРО-ДПМНЕ во 2024 година имаа помалку гласови отколку во 2016 година, додека во 2016 година има помалку пратеници од сега, што значи има драстичен пад кај гласачите на СДСМ.

Некои не излегоа, некои се приклучија на ЛЕВИЦА, се разбира некои и во партијата ЗНАМ, дури и министер од ЗНАМ е стар функционер на СДСМ. Дел од вината може е и во недостатокот на ефикасно промовирање на нивните достигнувања.

Доколку СДСМ сака да се консолидира, мислам дека треба да преземе конкретни чекори во наредниот период. Имаат добра шанса да се консолидираат до локалните избори. Треба повеќе да работат на таа внатрешна организација, дисциплина и ефикасност, како и да се борат со болеста што ја имаат од 90-тите, кога тие ќе почнат со тие нивни кланови и внатрешни фракции не знаат како да ги надминат.

Назми Абдурахмани

Зачлени се на нашиот е-билтен