Најважната изложба во моментот во регионот – вредната колекцијата на Петар Лубарда на МСУ

„Ова не е обична изложба, ова е изложба што ги спојува минатото и иднината“, рече на отворањето на изложбата на делата на еден од најзначајните сликари од регионот Петар Лубарда во Музејот на современа уметност во Скопје, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која заедно со нејзината колешка, црногорската министерка за култура и медиуми, Маша Влаовиќ свечено ја отворија изложбата на дела од еден од најголемите уметници на 20 век, Петар Лубарда.

„Зелен змеј“, Петар Лубарда, 1965, масло на платно каширано на лесонит, 100х200 цм

Изложбата, којашто вчера го постави Скопје и МСУ во центарот на културните настани во регионот, привлече огромен број посетители

Големиот број гости од јавниот и од политичкиот живот во земјава се „сретнаа“ со дела што се предодредени на вечност, еден уметнички и авторски тестамент во кој е втисната и меморијата на постземјотресно Скопје и на Музејот на современата уметност, како синоними на светската солидарност.

Црногорската министерка, Маша Влаовиќ, изрази задоволство што изложбата е дел од програмата за одбележување 60 години од разорниот земјотрес што го погоди Скопје и по тој повод, познатиот сликар Петар Лубарда донираше значителен број од своите дела како знак на солидарност и поддршка.

„Овој гест беше значаен и од аспект на формирањето на Музејот на современата уметност во Скопје, а може да се каже дека беше и иницијатива за создавање на оваа престижна институција, што особено нѐ радува. Врските меѓу нашите народи во поранешната држава беа силни и продуктивни, а сигурна сум дека тоа е случај и денес, за што сведочи и вечерашната изложба “, рече Влаовиќ.

За изложбата говореа и амбасадорката на Црна Гора во Северна Македонија, Марија Петровиќ, и еден од кураторите, Владимир Јанчевски.

Изложбата на дела од Петар Лубарда, која ќе биде отворена до 31 март,  е резултат на соработката меѓу министерствата за култура на Црна Гора и на Република Северна Македонија, Амбасадата на Црна Гора и Музејот на современата уметност – Скопје, под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Фотографии: Ангел Ангеловски

Треба да знаете
Moже да ве интересира