„Првиот Македонец во вселената”

Македонец

Независниот театар „Штрих” ја најавува премиерата на својата петта продукција — претставата „Првиот Македонец во вселената”, авторски проект на Борис Василески. Претставата ќе има премиера на 30 и 31 мај во Public Room, Скопје, со почеток во 20 часот.

За претставата

„Првиот Македонец во вселената” не е претстава за вселената. Таа е најдалечната точка до која може да се однесе едно многу земно чувство — чувството дека човекот и земјата можат да исчезнат не затоа што се уништени, туку затоа што престанале да веруваат дека имаат право на иднина.

Претставата ги поставува прашањата за амбицијата, невидливоста, осаменоста и потребата да се погледне нагоре — дури и тогаш кога сите околу нас не убедуваат дека тоа е смешно. Епопеја за остварувањето на соништата со кои сме се простиле, за заспаните амбиции на малите народи и за последиците од нивното исполнување.

„Оваа претстава почна од едно наивно, речиси детско прашање: што би се случило ако еден Македонец навистина поверува дека може да стигне до вселената? Не како шега. Не како метафора. Не како национална фантазија за големина. Туку како потреба — човек да излезе од просторот во кој постојано му се кажува дека е мал, задоцнет и невозможен“, Борис Василески, автор и режисер.

Факт е дека театарот низ историјата обработил безброј теми на безброј начини. Сега се поставува прашањето како да се прикаже една национална тема во жанрот на научната фантастика, нешто што е толку приземно и присутно, а истовремено онострано и непостојно. Како да се соберат вековните надежи, да се положат во еден човек и да се однесат на шестотини милиони километри од Земјата, од хаос директно во космос? Одговорот е – со тестирање на физичките граници на театарот, но, пред сè, со свесност за тоа кои сме и каде сме сега, па кои и каде сакаме да бидеме во иднина. Кога ќе се спојат сите овие нешта, Првиот Македонец во вселената е епопеја за остварувањето на соништата со кои сме се простиле, за заспаните амбиции на малите народи и за последиците од нивното исполнување.  Марио Стојаноски, драматург

Уметнички тим

Автор и режисер: Борис Василески | Продуцент: Андреа Маркоска | Драматург: Марио Стојаноски | Музика и дизајн на звук: Ади Имери | Сценографија: Ненад Тонкин | Костимографија: Марта Дојчиновска | Видеоанимација: Артериа Емил Петро | Графички дизајн: Даница Јанковиќ

Актерска постава

Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Ава Хусеини, Јанка Лефкова,
Ана Грамосли / Вера Тошева

Проектот е кофинансиран од Европската Унија во рамките на Програмата за финансиска поддршка на граѓанското општество и медиумите на Западен Балкан IPA III, преку проектот „Област на помирување” (District of Reconciliation), координиран од Фондацијата Нови Сад — Европска престолнина на културата.

Најчитано