Вчера, во градот Алкора што се наоѓа на источниот брег во Шпанија се слушаше македонска музика. Амбасадата на Република Северна Македонија ја поддржа иницијативата на едно локално младинско друштво од градот кои се вљубеници во македонската музика.
Овој настан посветен на македонската песна и култура се организираше во рамките на традиционалниот летен фестивал на градот. Македонската вечер заеднички ја отворија амбасадорот Едмонд Адеми и градоначалникот на Алкора Самуел Фаломир.
Во своето пригодно обраќање на настанот амбасадорот Адеми истакна дека настанот Вечер на македонската музика се совпаѓа со денот кога Северна Македонија ја слави својата независност.
Тој нагласи дека и овој настан е дел од одличните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Шоанија кои идната година ќе одбележат 30 години воспоставени дипломатски односи.
„ Тоа е јубилеј за почит, и секако мотив плус да ја зајакнуваме и ги развиваме односите помеѓу двете земји, на многу полиња. Културата е една од нив. И токму вечерва преку оваа иницијатива на овие млади момци и девојки тука создаваме мостови за соработка и меѓусебно поврзување“, потенцираше амбасадорот на Северна Македонија во Шпанија Едмонд Адеми, додаде дека настанот во Алкора е поттик за зајакнување на идната соработка меѓу двете земји.
Локалното население имаше прилика да ужива во песните на Влатко Стефановски, Тоше Проески, Ареа, Funk Shui, Елита 5, Леб и сол, Суперхикс итн.