Оваа година Албанија и Црна Гора имаат посебни причини да го празнуваат 9 Мај – Денот на Европа. За време турнејата на Марта Кос, еврокомесарката за проширување на Европската Комисија, таа соопшти дека овие две земји, Албанија и Црна Гора, практично до крајот на мандатот на оваа актуелна Комисија се очекува да станат членки на Европската Унија.
За останатите земји, истакнувајќи ја посебно Северна Македонија, Кос рече дека се тажна приказна на Западниот Балкан.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ, во интервју за Рацин.мк, вели дека ваквата поделба, на успешни и тажни приказни што ја направи Марта Кос, е нешто против што Северна Македонија се бореше низ годините.
„Сега на некој начин ни се, ни се враќа како бумеранг и ни се удира од глава. Што значи тоа? Ние во изминатите десетина години или седум-осум години инсистиравме на две работи. Прво, да не бидеме третирани исто со сите земји во регионот, односно секоја земја да биде третирана согласно својот успех и своите заслуги и второ, да се даде една јасна и прецизна перспектива за членство во Европската Унија на државите од Западен Балкан“, истакнува Маричиќ.
Маричиќ оценува се чини дека Европската Комисија го сфатила тоа и дека токму во тој контекст треба да се гледаат овие пораки комесарката Кос.
„Поделбата на тажни и успешни приказни е нешто што ние сме го барале многу долго време. Она што е штета за Македонија е што завршивме на страната на тажните приказни, а не на страната на успешните приказни, каде што можевме да завршиме. За тој резултат има голема одговорност кај нас, во нашиот домашен политички контекст, но има одговорност и кај Европската Унија“, укажува поранешниот вицепремиер за европски прашања Бојан маричиќ.
Во интервјуто за Рацин.мк тој вели дека тоа е веќе „даденост и дека главното прашање е што можеме и што треба да правиме оттука понатаму за да излеземе од тажната приказна“.
Маричиќ оценува доколку не се направи нешто многу брзо за приклучок кон земјите што имаат шанси до 2030 да станат членки на ЕУ, Северна Македонија „нема да има аргумент за оправудање пред судот на историјата кога за десет години или за пет години ќе имаме ситуација во којашто Албанија и Црна Гора ќе бидат членки на Европската Унија.
„Зборуваме за држави коишто биле многу зад нас во процесот. Албанија, ние сме воделе скрининг заедно со нив и сме биле во претставувањето на нашите реформи многу пред нив. Црна Гора знаеме дека кога бевме ние кандидат за членство 2005 уште не беше ни независна држава, меѓутоа отидоа напред и ќе бидат членки за некоја година“, вели Маричиќ.
„Ние ќе треба да се соочиме со нашите нови генерации и со нашите сегашни генерации и да им објасниме дали беше доволен аргумент тоа што некоја политичка партија се противела за тоа да ние останеме надвор од Европската Унија, нешто што ќе ни ги одземе перспективите за сериозен развој“, посочува поранешниот вицепремиер Бојан Маричиќ во интервју за Рацин.мк коешто во целост ќе биде објавено во недела на 11 мај.