„Кога тоа ’криминалниот договор’ стана, што би рекол вашиот лидер, ‘брилијантно ремек-дело’? Зарем каменоломот – чудовиште стана ваше светилиште“, реагираше денеска на социјалните мрежи Зоран Милошески, новинар од Прилеп и уредник на порталот Публикум, откако директорот на ЈП Државни патишта, Коце Трајаноски, со пајак тргнал да ги отстранува барикадите и, како што наведува Милошески, им се заканува на жителите на Ореовец со апсење доколку сами не ги отстранат своите возила, за да можат камионите на „Бехтел и Енка“ да стигнат до рудникот каде се врши минирање и ископ на тампон!
Милошески ги прашува ВМРО-ДПМНЕ, зарем е толку тешко да се сфати дека лагата има рок на траење? Дека вистината, кога-тогаш, стигнува на наплата? Дека не може цел живот да се седи на две столици, да се биде и за кралот и за Тито?
„За вашето лицемерие и недоследност, за дволичноста и лагите, за вулгарниот популизам, може со денови да се зборува и пишува. Зошто денеска ве немаше на блокадите кај Ореовец, таму каде до пред некое време цутевте-капевте? Заборавивте кој беше вашиот став за договорот со ‘Бехтел и Енка’?, истакнува во објавата Милошески.
Тој ги потсетува велеше вашата ВМРО-ДПМНЕ на таа тема, преку изјавата на пратеникот Петар Ристески.
„Како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, за овој договор зборувавме дека е неуставен, криминален и донесен на шверцерски начин, со кој се овозможи формирање на вакви чудовишта како што е овој каменолом во Ореовец“.
Во завршницата на својата објава Милошески вели: „Ама, си знаете вие – што сте си дробеле, тоа ќе сркате!“