Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Од виолина до филигран: Лада Шоптрајанова создава накит со душа на музиката

Соња ТАНЕСКА

По речиси три децении посветеност на музиката, Лада Шоптрајанова Петровска, истакната виолинистка на Македонската филхармонија, пред пет години одлучува да зачекори на сосема нов уметнички пат – изработката на филигрански накит. Нејзиниот животен избор сведочи за храброста и уметничкиот дух што ја води, без оглед на предизвиците.

„По 27 години професионална работа како виолинистка и уште 15 години континуирано дружење со музиката, почувствував дека моите музички хоризонти ми станаа тесни. Решив да се пробам во ново поле на уметноста – изработката на накит,“ открива Лада. За неа, уметноста не познава граници; напротив, таа отвора нови можности за изразување и создавање.

Промената на професијата не била лесна, особено како што вели таа, во држава каде што уметниците и музичарите се соочуваат со ограничени можности. Лада сепак одлучила да ја напушти сигурноста на работното место и да се впушти во нешто сосема ново.

„Секако, не е лесно да се прекине една стабилна кариера и да се почне одново. Но, уметничкиот порив беше посилен од потребата за сигурност. Сакав да одам напред, подготвена да се соочам со сите предизвици,“ споделува таа.

Со страст и љубов кон уметноста, Лада го започнува своето патување во филигранството. Прво завршува курс по филигран кај мајсторот Александар Милев, а потоа работи како практикант во златарата „Рубин“. Нејзиниот пат ја води и до Израел, каде што учи во работилница во Јафа. Секој од овие чекори – од учење до создавање – јо исполнуват со именика и се чуствува како потврда за нејзинот нов потребен знане и инспирација.

Новиот подиум на уметноста

Филигранството за Лада не е само занает, туку платформа за изразување.

„За мене, изработката на накит е новиот подиум на кој сега настапувам. Она што порано течеше низ жиците на виолината, сега го вткајувам во нежните сребрени жици на моите уникатни парчиња накит,“ објаснува Лада. Накитот што го создава е инспириран од современи дизајни, иако техниките се традиционални.

„Не ги следам традиционалните форми како пеперутки и цветови. Мојот накит е современ, свеж и уметнички. Верувам дека во 21 век треба да се одиме напред со нови модели и дизајни кои ја рефлектираат индивидуалноста,“ додава таа.

Уникатност како вредност

Секое парче накит што го создава Лада е уникатно, одраз на нејзиниот уметнички порив и внимание кон деталите.

„Жените се уникатни и заслужуваат накит што ја отсликува таа уникатност. Никогаш не правам две исти парчиња. Сакам секоја жена која го носи мојот накит да знае дека носи нешто посебно, нешто што е создадено со многу љубов и труд,“ нагласува таа.

За Лада, љубовта кон накитот можеби има и генетска компонента. Нејзиниот прадедо бил часовничар и златар, а таа верува дека талентот за филигранство на некој начин „патувал“ низ нејзината семејна историја до денес. Накитот го изработува од висококвалитетно сребро со чистота од 999, 950 и 925 промили, кое го обликува со голема прецизност и страст.

Вдахновеност од музиката

Лада успева да ја пренесе музикалноста и чувствителноста што ја стекнала низ годините во филигранските парчиња што ги создава.

„Музиката која течеше низ жиците на виолината, сега ја пренесувам во накитот. Филигранството за мене не е само занает, тоа е поинаков јазик за уметничко изразување,“ објаснува таа.

Со своето искуство, Лада инспирира и охрабрува.

„Љубовта е двигател на сè во животот. Кога нешто се работи со љубов, успехот е неизбежен. Ги охрабрувам сите кои размислуваат за промена да го направат тој чекор. Спокојството на душата нема цена, а љубовта кон професијата го прави животот исполнет и вреден за живеење,“ завршува Лада.

Лада Шоптрајанова Петровска останува пример за храброст, креативност и посветеност на уметноста, без разлика дали е тоа музика или филигранство. Низ нејзините парчиња накит и зборови, таа продолжува да ја инспирира публиката и да го шири своето уметничко наследство.

Зачлени се на нашиот е-билтен