Центарот за граѓански комуникации објави истражување кое покажува дека општините во Македонија секоја година трошат над 1 милион евра за организирање забавни манифестации.
Оваа година, од јануари до октомври, потрошени се 961 илјада евра за ангажирање пејачи и други изведувачи, а се очекува до крајот на годината сумата да надмине 1 милион евра. За споредба, минатата година за истата намена биле потрошени 1 милион и 11 илјади евра.
Најскапо платена годинава е Северина, која за настап во Крива Паланка добила 25 илјади евра. Сепак, Јелена Розга годинава заработила најмногу вкупно – 42 илјади евра за два настапи, во Берово и Штип. Минатата година, најплатен бил Саша Ковачевиќ со скоро 26 илјади евра за настап во Штип.
Општините Кавадарци, Струмица, Штип, Кисела Вода и Велес се меѓу најголемите трошачи за забавни манифестации. Истражувањето покажува дека услугите за овие настани често се набавуваат преку нетранспарентни постапки или со заобиколување на Законот за јавни набавки.
Од вкупно 80 општини, вакви трошоци пријавиле 50, 29 немаат, а две не доставиле податоци.
Забавите, организирани за различни поводи како новогодишни празници или локални традиции, ги чинат граѓаните над 1 милион евра годишно. Овие средства се издвојуваат од општинските буџети, а во сумата не се вклучени парите што за оваа цел се обезбедуваат преку донации од фирми и поединци.
Истражувањето повикува на поголема транспарентност и одговорност при трошењето на јавните пари за забави.