Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пред 34 години беше потпишана Декларацијата за независност на Македонија

На 25 јануари 1991 година, во Собранието на тогашната Социјалистичка Република Македонија беше изгласана Декларацијата за сувереност, што го означи важниот чекор кон независноста на земјата. Иако во земјата беа присутни југословенските војски под контрола на Слободан Милошевиќ и генералот Аџиќ, а Белград испраќаше закани за можен воен конфликт ако Македонија се обиде да се отцепи, парламентот ја усвои оваа историска декларација.

Декларацијата за сувереност беше донесена во согласност со уставните одредби за независноста и територијалниот интегритет на Македонија, како и правото на македонскиот народ на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување. Овој документ ќе овозможи Македонија на 8 септември 1991 година да прогласи својата независност.

На фотографијата, покрај дел од пратениците, се гледа тогашниот претседател Киро Глигоров, кој два дена по изгласувањето на Декларацијата на 25 јануари 1991 година, беше избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието, на 27 јануари 1991 година. На 7 март, Глигоров му го доверил мандатот на Никола Кљусев за формирање на првата влада.

На сликата се забележува и Васил Тупурковски, тогашен македонски претставник во колективното претседателство на СФРЈ. Десно од Глигоров и Тупурковски се наоѓаат идниот премиер Никола Кљусев и академикот Блаже Ристовски, кој подоцна ќе стане вицепремиер во македонската влада.

Зачлени се на нашиот е-билтен