Скопје редовно е во „црвена зона“, а општина Кисела вода ќе дели субвенции за дрва

Во време кога скопскиот воздух редовно влегува во „црвената зона“, а алармите за загаденост стануваат дел од секојдневието, дел од локалните власти сè уште промовираат мерки кои директно го влошуваат проблемот. Општина Кисела Вода распиша јавен повик за субвенционирање на огревно дрво, додека пак Општина Илинден ги стимулира граѓаните да се префрлат на енергетски ефикасни инвертер клими и соларни панели.

И покрај годините укажувања од еколошки организации и експерти дека греењето на дрва е еден од главните извори на загадување во урбаните средини, Кисела Вода повторно одвојува средства токму за оваа цел. Субвенцијата изнесува:

500 денари по метар кубен дрва (максимум 10 м³)

350 денари по просторен метар (максимум 14 просторни метри)

Граѓаните кои ќе купат дрва од 1 април до 31 октомври 2025 година можат да аплицираат за делумно враќање на средствата, додека буџетот за оваа намена изнесува 1.200.000 денари.

Во спротивност со оваа пракса, Општина Илинден која важи за порурална општина продолжува со поддршка на еколошки прифатливи решенија. Граѓаните таму можат да добијат до 10.000 денари, или 50% од вредноста на купен инвертер клима уред или соларен панел. Со оваа мерка се стимулира преминот кон поекономично и почисто греење.

„Целта е да ги поттикнеме домаќинствата на енергетска ефикасност, намалување на трошоците и загадувањето,“ изјави градоначалникот Александар Георгиевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен