Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Тренчевска: Целта е да креираме законско решение кое ќе содржи точни и прецизни одредби без простор за различни толкувања

Во Клубот на пратеници денеска се одржа јавна расправа за новиот Предлог закон за работни односи на која од страна на претставниците на Министерството за труд и социјална политика беа презентирани клучните новини во новото предлог законско решение.

На расправата присуствуваа претставници на адвокатската комора, адвокати, судии, јавни обвинители, професори и експерти по трудово право, претставници на здружение на млади правници и здружение на трудово и социјално право, како и претставници на Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување на Северна Македонија.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска ја потенцираше важноста на јавната расправа и можноста да се слушне мислењето на судиите и адвокатите кои го применуваат законот, како и на професорите теоретичари на трудовото право, а во насока на креирање на квалитетно законско решение и негова успешна имплементација.

-Целта е да креираме законско решение кое ќе содржи точни и прецизни одредби и нема да остави простор за исти прашања да има различни толкувања. Носиме системско решение кое ќе одговори на потребите на современото општество, истакна Тренчевска.

Од МТСП посочуваат дека дел од новините со Предлог законот за работни односи се времетраењето на договорите на определено време, односно од досегашните пет години, се скратува на две години и обновување на договорите три пати во рокот од две години.

-Промена има и кај договорите за вработување на определено време за вршење на сезонски работи, и можноста работодавецот да ги плаќа придонесите на сезонскиот работник сите 12 месеци, со обврска дека работникот и следната сезона ќе работи за истиот работодавец. Работниците на неполно работно време, во однос на правата и обврските од работниот однос, се изедначуваат со работниците на полно работно време, освен кај платат и надоместоците од плата кои се пропорционални со работните часови на работникот, објаснуваат од МТСП.

Се воведува и работата од далечина, како одговор на потребите кои произлегуваат од развојот на дигитализацијата и искуствата со ковид кризата.

На јавната расправа се дебатирало и за колективните договори и нивното важење, како и постапувањето на Државниот инспекторат на труд, кој како контролен орган го врши надзорот над примената на законските прописи.

-Присутните на јавната расправа го поздравија носењето на нов закон за работни односи кој како што беше посочено воведува нови правни институти, кои нема да остават правни празнини и дилеми во неговото толкување и имплементација, а истовремено има усогласеност со меѓународни инструменти, соопштуваат од МТСП.

Оттаму најавуваат дека јавните расправи ќе продолжат во текот на месец февруари, по што ќе биде дебатиран и на Економско социјалниот совет, пред да се предложи за усвојување од страна на Владата на Република Северна Македонија и негово влегување во собраниска процедура.

Зачлени се на нашиот е-билтен