Пазарот на електронски комуникации ја заврши годината со раст кај сите индикатори, со поплаки од корисниците претежно за лоша интернет услуга, за висока сметка за роаминг и за измена на одредби од претплатнички договор, но и најава за нов оператор во мобилната телефонија за што по писмото со намера од 4iG до АЕК треба да биде отворена јавна расправа.
Од Агенцијата за електонски комуникации (АЕК) за МИА изјавија дека од четвртиот квартал 2023 година заклучно со третиот квартал минатата година до нив се поднесени 351 барање за решавање на спор. Најчести причини за поднесените барања се лоша интернет услуга, висока сметка за роаминг иако претплатникот не бил во странство (користење на пограничен интернет), како и измена на одредби од претплатнички договор, информираат за МИА од АЕК.
Од вкупниот број барања за решавање на спор, завршени се 294, од кои усвоени се 78, делумно се усвоени 15, одбиени се 115, а отфрлени 16. За 34 барања е запрена постапката, за 19 Агенцијата била ненадлежна, а за 17 барања докуметацијата била непотполна.
На прашање на МИА за оценка на развојот на пазарот на електронски комуникации од Агенцијата посочуваат дека според последните расположливи податоци заклучно со вториот квартал лани, може да се констатира оти кај сите индикатори има раст.
За годинава посочуваат дека ќе спроведуваат активности во согласност со Законот за електронските комуникации (ЗЕК).
По писмото за изразување намера за влез на пазарот во Македонија од 4iG, следен чекор во согласност со ЗЕК е отварање на јавна расправа за да можат сите заинтересирани страни да го искажат својот став. Од резултатот на јавната расправа ќе се знае дали ќе се поведе постапка на јавен тендер или постапка на јавен тендер со јавно наддавање, изјавија за МИА од АЕК.