Од ден на ден, владејачката Вреди и опозициската ДУИ, ги заоструваат меѓусебните тонови. Од многубројните теми стигнаа и до дилемата ‘чии криминалци се поголеми на интегративците или на оние на Вреди’, но, и ‘Каква иднина ја очекува Македонија доколу биде со или без Албанци’?
Се започна откако лидерот на интегративците Али Ахмети, од Швајцарија порача, дека „Без Албанците, Македонија нема иднина“.
Ден, потоа вицепремиерот Изет Меџити од Вреди изјави: „Никој не отворил такво прашање дека може без Албанците“.
Денеска во името на граѓаните од албанската заедица во земјава се јави и министерот за здравство Арбен Таравари, И тој не пропушти да возврати на прозивките на Ахмети од Цирих околу наводното ‘уривање на достигнувањата на Албанците постигнати изинативе 22 години’.
„ДУИ не се занимава ниту со јазикот, ниту со знамето, туку со заштитата на имотот“, рече Таравари.
Тој на новинарско прашање откри дека имал и сознанија оти функционери на ДУИ се повикуваат во надлежните обвинителства.
“Верувам дека за кусо време ќе видите кои се тие. Некои функционери ќе понесат одговорност за нивното работење кога биле на власт. Колку што имам информации, процедурите течат и тоа ќе го направат надлежните државни органи. Некои функционери на ДУИ, веќе се движат по канцелариите на истражните органите и обвинителствата. Немам точни информации, но знам дека се движат низ тие канцеларии“, рече Таравари.
Демократската унија за интеграција остро реагираше на изјавите на Таравари.
„Вакви изјави со прогонителски политички конструкции во минатото даваа и други членови на Владата без етнички легитимитет, со што ја презедоа улогата на сценарист, истражител, обвинител и судија. Овие закани со конструкции и политички прогон, како и притисоци врз истрагата и обвинителството никого не плашат, туку ја покажуваат скандалозната и неприфатлива тенденција на практикување на заробена држава од власта. ДУИ поддржува неселективното владеење на правото и бара меѓународно следена проверка на сите носители на политички функции“, велат од ДУИ.
Од партијата на Ахмети со оценка, дека ваквите изјави, Брисел и Вашингтон ги читаат, затоа што земјата ја оддалечуваат од владеењето на правото и европските вредности, а ги враќале и застарените времиња на конструкции за ‘политички лов на вештерки’.