Советот на ЕУ ја именуваше новата Европска комисија со мандат за периодот од 1 декември 2024 до 31 октомври 2029 година, отако претходно во средата таа беше одобрена и од Европскиот парламент со 370 гласа „за“, 282 „против“ и 36 „воздржани“.
Со ова заврши и формалната процедура за изборот на новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен, со што таа ќе може официјално да стапи на должност в недела.
Новата Еврокомисија ја сочинуваат 27 члена – по еден од секоја земја-членка на ЕУ – претседателката Фон дер Лајен, шестмина потпретседатели и 20 еврокомесари.
Шпанката Тереза Рибера Родригез ќе биде извршна потпретседателка на чиста, праведна и конкурентна транзиција и еврокомесарка за политиката на конкурентност, Финката Хена Виркунен извршна потпретседателка за технологија, суверенитет, безбедност и демократија и еврокомесарка за дигитални технологии, а Французинот Стефан Сежурне ќе биде извршен потпретседател за просперитет и индустриска стратегија и еврокомесар за индустријата, мали и средни претпријатија и единствениот пазар.
Останатите тројца извршни потпретседатели ќе бидат Романката Роксана Манзату, задолжена за вештини и стручно оспособување на луѓето, која воедно ќе биде и еврокомесарка за вештини, образование, култура, квалитетни работни места и социјални права, Италијанецот Рафаеле Фито, кој ќе биде одговорен за кохезија и реформи и еврокомесар кохезивна политика, регионален развој и градовите и Естонката Каја Калас, како висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Словакот Марош Шефчович ќе биде еврокомесар за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност, Летонецот Валдис Домбровскис за економија, продуктивност, имплементација и поедноставување, Хрватката Дубравка Шуица е предложена за еврокомесарка за Медитеранот, а Унгарецот Оливер Вархеји за здравје и благосостојба на животните.
Еврокомесар за клима, нето нула емисии и чист раст ќе биде Холанѓанецот Вопке Хукстра, за одбрана и Вселената Литванецот Андриус Кубилиус, за проширување Словенката Марта Кос, а за меѓународни партнерства Чехот Јозеф Сикела.
Кипранецот Костас Кадис ќе раководи со ресорот рибарство и океани, Португалката Марија Луиш Албакерки со финансиските услуги, штедењето и инвестициите, Белгијката Хаџа Лабиб со подготвеноста и менаџирањето на кризи, а Австриецот Магнус Брунер со внатрешните работи и миграцијата.
Јесика Розвол од Шведска ќе биде еврокомесарка за животна средина, отпорност на водите и конкурентна циркуларна економија, Пјотр Серафин од Полска за буџет, борба против измамите и јавна администрација, Ден Јоргенсен од Данска за енергија и домување, а Бугарката Екатерина Захариева за истражување и иновации.
Ирецот Мајкл Мекграт ќе биде комесар за демократија, правда и владеење на правото, Гркот Апостолос Sиsикостас за одржлив транспорт и туризам, Луксембуржанецот Кристоф Хансен за земјоделство и храна, а Малтежанецот Глен Микалеф за меѓугенерациска правичност, култура, млади и спорт.
Спгласно Договорот за функционирање на ЕУ, „претседателот, високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност и другите членови на Комисијата како тело, подлежат на гласање за согласност од страна на Европскиот парламент. Врз основа на оваа согласност Комисијата ја назначува Европскиот совет со квалификувано мнозинство“.