Во интервју за „Независен“, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја истакна важноста на граѓанскиот сектор како столб на демократското општество и ја сподели својата визија за соработка со овој сектор. Тој одговори на прашањето за тоа како СДСМ планира да се поврзе со граѓанскиот сектор без да се наметнува или да ја загрози неговата независност.
„Не сум сигурен дека зборот ‘приближување’ е најсоодветниот термин за да се дефинира односот меѓу граѓанскиот сектор и политичките партии, вклучително и СДСМ. Граѓанскиот сектор е еден од столбовите на секое здраво демократско општество, но токму неговата независност го прави толку значаен. Наместо да се обидуваме да го ставиме под ‘чадорот’ на СДСМ, нашата задача е да создадеме простор каде што граѓанските организации слободно ќе го изразуваат својот став и ќе влијаат врз креирањето на политиките во државата,“ изјави Филипче.
Тој истакна дека актуелната политичка реалност го зголемува значењето на независноста на граѓанскиот сектор. „Во новата политичка реалност, каде што првичните чекори на новата Влада покажуваат авторитарни тенденции, независноста и слободниот глас на граѓанскиот сектор стануваат уште поважни. Задушувањето на слободната мисла и јавното делување може многу брзо да стане реалност, а нашата обврска како СДСМ е да се бориме за зачувување на тој простор. Ќе бидеме сојузници на граѓаните и организациите во оваа борба, за да го заштитиме правото на слободна критика,“ додаде тој.
Филипче објасни дека политиките на СДСМ се темелат на искрен и транспарентен дијалог. „Кога станува збор за политиките, искрениот и транспарентен дијалог ќе биде основата на нашиот пристап. Идеите и предлозите на граѓанските организации ќе бидат добредојдени во креирањето на нашите програми. На тој начин ќе покажеме дека СДСМ не само што ја почитува нивната независност, туку и ја вреднува нивната улога како коректор на политиките и носител на прогресивните идеи.“
Филипче заклучи дека довербата меѓу граѓанскиот сектор и политичките партии треба да се гради врз искреност, ненаметливост и взаемна почит. „Нашата цел е да создаваме платформи за соработка како единствениот начин да изградиме долгорочна доверба,“ истакна тој.