Кос: Србија да се врати на европскиот колосек 

Србија треба да се врати на европскиот колосек и ние како Европската комисија сме подготвени да направиме се што е потребно за да се случи тоа, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.   

– Очекувам од новата влада на Србија да биде проевропска и прореформска, истакна Кос, најавувајќи дека кон крајот на месецов ќе го посети Белград. 

Таа истакна дека на средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен кон крајот на март било договорено Србија да изврши измени на законот за медиуми, да го реформира изборното законодавство, да формира Регулаторно тело за електронски медиуми и да исполни други одредби од декемврискиот Нон-пејпер. 

– Ако Србија го исполни ова, тогаш секако дека ќе може да напредува и да го отвори следниот кластер. Навистина се надевавме дека сега Србија ќе се врати на потребните реформи. Тука се работи и за одредниците. Тоа е Акцискиот план за борба против корупцијата. Станува збор за слободата на медиумите и многу други кои произлегуваат од Кластерот 1 за судството и за основните права, рече еврокомесарката за проширување. 

Кос истакна дека она што ЕУ го бара од Србија на европскиот пат е истото што го бараат демонстрантите во земјата – владеење на правото, борба против корупцијата и транспарентност во јавните набавка. Според неа, властите треба да престанат да ја поткопуваат работата на граѓанските организации и да ги вклучат во пристапниот процес, што е еден од предусловите за земјата.  

Зачлени се на нашиот е-билтен