,,Ние заслужуваме одговори“- Семејствата на настраданите од Кочани утре на протестен марш во Скопје

Семејствата на настраданите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во вторник ќе организираат ,,Марш за ангелите” во Скопје со почеток во 12 часот и 05 минути како симболика за задоцнета реакција.

Според најавата, маршот ќе започне пред обвинителството во Скопје, ќе продолжи на градскиот плоштад во Скопје, по што ќе се продолжи пред собранието на Македонија.

,,Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат па пуштаат, па свесни ли се дека и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со фати па пушти без да имаме јасно образложение за таа законска процедура што се создава во нашите мисли кои и онака се на работ на себеуништување.” – истакнаа семејствата во писмено соопштение.

Адвокатот и екссудија, Владимир Туфегџиќ, алармира дека очајот и гневот на семејствата на настраданите, лесно може да ескалира и работите да излезат од контрола. Тој посочува дека треба да им се објасни сѐ во однос на постапката, да ја знаат реалноста и да знаат што да очекуваат. Според него, постапката со 68 осомничени е проблематична сама по себе.

Но според анкетата на Маркет Вижн што ја објави Сител, мнозинството граѓани сметаат дека институциите добро се справија со последиците од трагедијата во Кочани. 

Според него, речиси две третини од граѓаните или 65% имаат впечаток дека институциите ефикасно се справиле со последиците од трагедијата во Кочани додека 35% се убедени во спротивното. 

Високи 71% од анкетираните рекле дека и здравствените власти биле ефикасни во справувањето со големиот број повредени. Над половина од граѓаните или 53% сметаат дека МВР и обвинителството брзо и ефикасно ги преземале потребните мерки за утврдување на одговорноста додека нешто под една третина не се убедени во тоа. 

Зачлени се на нашиот е-билтен