Доналд Трамп можеби ги исклучил паметните телефони, лаптопите и другите електронски производи од неговите „реципрочни“ царини, сепак, 46 од 50 артикли што доаѓаат во САД од Кина сè уште подлежат на царини.
Повеќе од три четвртини од конзолите за видео игри, процесори за храна и електричните вентилатори увезени во САД минатата година беа произведени во Кина. Кина е исто така производител на 75 проценти од куклите, трициклите, скутерите и другите играчки на тркала испорачани до американските потрошувачи од странство минатата година.
Компанијата што ја произведува куклата Барби – „Мател“ предупреди дека ќе биде принудена да ги зголеми цените за да ги надомести загубите бидејќи 40 проценти од нејзините производи се произведуваат во Кина.
Одлуката на администрацијата на Трамп да ги ослободи паметните телефони, рутерите, опремата за производство на чипови и одредени компјутери и лаптопи од таканаречените реципрочни тарифи на Кина уследи по една недела турбуленции на американските пазари.
Исклучоците се голема победа за американските технолошки компании како што се Apple, Nvidia и Microsoft, чии акции паднаа минатата недела. Лаптопите и паметните телефони беа највредниот увоз на Кина минатата година, со вкупна вредност од 74 милијарди долари.
Американците сè уште ќе го почувствуваат „ободот“ од царините на Трамп, предупредува Чед Баун, соработник во Институтот за меѓународна економија „Петерсон“.
Тарифите значат дека ладењето во летните месеци ќе биде скапо за оние Американци кои веќе не се подготвиле – девет од 10 електрични вентилатори купени од странство во САД минатата година дошле од Кина, како и 40 проценти од клима уредите. Кина доминира на глобалниот извозен пазар за двата производи.
Американците кои размислуваат да купат нова микробранова печка, исто така, ќе се соочат со потенцијално зголемување на цените; 90 проценти од увезените во САД минатата година потекнуваат од Кина, а Пекинг контролира три четвртини од глобалниот извозен пазар.
Доминацијата на Кина во толку многу светски извоз значи дека наоѓањето алтернативни производители нема да биде лесно, изјави за „Фајненшл тајмс“ Али Ренисон од консултантската куќа SEC Newgate.
„Американските и западните компании ги префрлаат своите синџири на снабдување од Кина во други азиски земји во последниве години. Но, со толку многу кинески суровини и составни делови што се користат во производите што ги склопуваат, многу ќе зависи од тоа колку се специфични тие правила за производот и колку се поволни земјите за Америка“, рече таа.