Судскиот совет денеска на седница ќе избира нов претседател. Претседателот на Советот се бира со најмалку осум гласови од членовите на Советот со право на глас.
Единствениот орган за избор, оценка и контрола на работата на судиите и чуварот на довербата на граѓаните кон судството – Судскиот совет, годината ја почна со претседателски „рокади“, а ја заврши со празно столче на функцијата претседател на Советот. Судскиот совет, повторно се најде во фокусот на јавноста, но не само по контроверзно разрешување, па враќање, и на крајот оставка од функција на претседателката Весна Дамева, туку и по обидите за примена на дел од препораките на Оценската мисија во своето работење, како и отворените повици од власта за нивно распуштање и реформа на Законот за судски совет.
Изборот на претседател се најде на дневен ред на седница на Судскиот совет и во декември минатата година, но беше одложен до комплетирање на составот со изборот на двајца нови членови од редот на судиите.
Првиот човек на Судскиот совет и неговиот заменик се бираат од членовите со право на глас, откако Уставниот суд во март 2023 го укина ограничувањето тие да се избираат само од редот на членовите избрани од Собранието.