Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Властите во Германија предупредуваат за влијание на странски служби врз изборите

Германската федерална канцеларија за заштита на уставниот поредок предупредува на можното влијание на странските тајни служби врз текот на предвремените парламентарни избори што ќе се одржат во февруари следната година.

-Мораме да сметаме на кампањи за дезинформација против поединечни политичари, кибер напади, како и шпионажа и саботажа, се вели во анализата на заканите на Федералната канцеларија за заштита на уставниот поредок (БфВ), објавена денеска.

Оваа канцеларија, која е внатрешна тајна служба, особено укажува на опасноста што доаѓа од Русија.

-Ако се земе предвид руската агресија врз Украина, мора да се претпостави дека Русија има најголем интерес да влијае на исходот од изборите во Германија, се вели во анализата на БфВ.

Понатаму се наведува дека Русија долго време води информативна војна со ширење на проруски и антизападни наративи.

-Главната цел е да се подели германското општество со цел да се намали јавната поддршка за Украина, велат од германската тајна служба.

Се споменува можноста за поддршка на одредени кандидати или партии кои агитираат во корист на Русија, како и истовремено дискредитирање на кандидати и партии со проукраински позиции.

Еден од инструментите за воведување неизвесност и поделеност е сеењето сомнеж за изборниот исход. Меѓу партиите кои шират проруски наративи во Германија се екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и новооснованата левичарско-конзервативна алијанса на Сахра Вагенкнехт.

По падот на сојузната влада, на крајот на февруари во Германија ќе се одржат предвремени парламентарни избори.

Според сегашните резултати од анкетите на јавното мислење, на изборите за Бундестагот најверојатно ќе победи актуелната опозициска Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ. 

Зачлени се на нашиот е-билтен