„Локалната власт во Општина Пустец, со поддршка на владата на Еди Рама, спроведува сериозни изборни нерегуларности, објави претседателот на огранокот на Партијата на Слободата за општина Пустец и познатиот македонски активист, Панди Јани. Тој тврди дека владејачката структура спроведува масовен притисок врз административните работници и жителите на општината, користејќи закани и уцени со цел манипулација на претстојните избори.
„Имаме цврсти докази дека се врши незаконско собирање на личните карти од дијаспората, со што се создава опасен механизам за изборен инженеринг и директно загрозување на интегритетот на изборниот процес. Бараме итна кривична и морална одговорност за овие постапки. Апелираме до сите граѓани на Пустец и целата албанска јавност да не потклекнуваат на овие уцени и закани, туку да дадат отпор на владејачката диктатура“, се нагласува во објавата.
Партијата на Слободата за општина Пустец ги повика меѓународната заедница, независните институции и граѓанскиот сектор да реагираат против ваквиот организиран изборен криминал.
„Ќе продолжиме да ја информираме јавноста и да се бориме за вистинска демократија во Пустец и во цела Албанија. Доста е од диктатурата – време е за слободен избор“, порачува Јани.
Градоначалникот на општина Пустец, Пали Колефски ги отфрли ваквите обвинувања.
„Нема ни трошка вистина. Тоа се само шпекулации и ги сметам за тенденциозни. Парламентарните избори се на 11 мај и на вакво нешто не сме ни помислиле а не да го направиме“, рече кусо Колефски за МИА.
Колефски за градоначалник беше избран како кандидат на Социјалистичката партија, поддржан од Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај на 5 декември, минатата година потпиша уредба со која 11-те парламентарните избори ќе се одржат на 11 мај 2025 година.