Евакуации во Албанија по серијата огромни пожари

Албанија продолжува да се бори со повеќе шумски пожари, откако во текот на вчерашниот ден биле регистрирани 17 жаришта низ земјата. Според последниот пресек на Министерството за одбрана, осум пожари остануваат активни, четири се под надзор, а пет се целосно изгаснати.

Најтешка е состојбата во делови од Тирана, Булќиза, Дебар, Либражд, Ѓирокастро, Тепелена, Малакастра и Химара, каде непристапниот терен, високите температури и ветерот го отежнуваат гаснењето.

На планината Дајти над Тирана повторно се активирале три жаришта во реонот на Ќафе Приска и по планинскиот гребен. На терен се испратени пожарникари и екипи за заштита на природата.

Во Булќиза активни се пожарите кај Ќафе е Хелмес и Вајкал. Кај Вајкал огнот се шири низ карпест терен со грмушки и смрека, а во интервенцијата се вклучени 95 лица и воен хеликоптер. Засега нема опасност за населените места.

Сериозна е состојбата и кај Слатина во Дебарскиот регион, каде пожарот поради високите температури и ветерот навлегол во висока борова шума. Во гаснењето учествуваат повеќе од 100 лица и хеликоптер на албанските вооружени сили.

Во Либражд, кај селото Џире, поради приближувањето на огнот биле евакуирани две куќи. Противпожарните возила се распоредени во нивна близина, а од воздух интервенира и воен хеликоптер.

Пожари има и во Драгот кај Тепелена, Чоруш во Малакастра и во реонот на Тербач и Враниште кај Химара. Во последната област интервенцијата од воздух била поддржана со два хеликоптери и авион „Ер Трактор“.

Кај Тербуч во Ѓирокастро пожарот зафатил околу 30 хектари, но според последниот извештај е ставен под целосна контрола и повеќе не претставува опасност за жителите.

Во операциите низ Албанија се ангажирани пожарникари, полиција, припадници на цивилната заштита и 50 војници. Воздушната поддршка ја обезбедуваат четири хеликоптери и еден авион „Ер Трактор“.

Националната агенција за цивилна заштита соопшти дека состојбата се следи постојано, а приоритет останува заштитата на населението, домовите и имотот во подрачјата кон кои се приближуваат пожарите.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?