Превозниците од Западен Балкан засега без блокади, чекаат потег од Брисел

Превозниците од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора засега нема да организираат нови блокади на границите со Европската Унија. На денешниот регионален состанок во Скопје одлучиле да почекаат до 1 септември, кога е најавен состанок со претставници на Европската комисија, а доколку нема решение, повторно ќе ги активираат протестите.

Превозниците бараат да се реши проблемот со ограничувањето на престојот на професионалните возачи од Западен Балкан во Шенген зоната. Станува збор за правилото 90 дена во период од 180 дена, кое според нив создава сериозни проблеми во организирањето на меѓународниот транспорт.

Од транспортните здруженија велат дека не сакаат повторно да протестираат бидејќи блокадите најмногу го погодуваат токму транспортниот сектор, но доколку не биде пронајдено решение, ќе бидат принудени повторно да излезат на границите.

„Не сакаме да протестираме бидејќи тоа се одразува врз целото општество, но ако бидеме принудени, ќе мора да излеземе“, изјавил претседателот на деловното здружение „Меѓународен транспорт“ од Србија, Неѓо Мандиќ.

Превозниците бараат Европската Унија да обезбеди јасно и еднакво применување на правилото 90/180 за професионалните возачи. Според нив, проблемот е и во различното толкување на правилата на граничните премини, поради што возачите не знаат дали и кога ќе бидат задржани или вратени.

Од македонското здружение „МАКАМТРАНС“ предупредуваат дека воведувањето на новиот систем за контрола на границите дополнително го отежнува движењето на превозниците од регионот. Генералната секретарка Билјана Муратовска посочила дека со проблемот во Северна Македонија се соочуваат околу 17.000 професионални возачи, а на ниво на целиот Западен Балкан бројот достигнува околу 100.000.

Превозниците од регионот веќе имаат искуство со блокади. Во јануари годинава, транспортните здруженија од Србија и Босна и Херцеговина организираа повеќедневни блокади на товарните терминали на граничните премини, но ниту тогаш не беше постигнато трајно решение.

На денешниот состанок во Скопје претставниците на транспортните здруженија од четирите земји одлучиле да не преземаат веднаш протестни активности. Наместо тоа, ќе го почекаат исходот од разговорите со Европската комисија и нејзината седница на 1 септември. Доколку не биде понудено конкретно решение, најавуваат регионален протест на границите со земјите членки на ЕУ.

Превозниците порачаа дека нивната цел не е да го нарушат транспортот и снабдувањето, туку да добијат јасни правила со кои професионалните возачи ќе можат непречено да ја извршуваат својата работа во Шенген зоната.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?