Уставен повторно решава за правилата за државно финансирање на изборното рекламирање

Уставен

Уставниот суд денеска повторно ќе одлучува за одредби од Изборниот законик што го регулираат пристапот на политичките партии до платеното политичко рекламирање финансирано со јавни средства. Предметот се враќа на гласање откако на претходната седница предлогот не го добил потребното мнозинство.

Иницијативите се поднесени од Левица и партијата Демократи, а се оспоруваат член 75-ѓ ставови 1 и 12, член 76-д став 5 и член 78-а став 4 од Изборниот законик. Спорот се однесува на распределбата на медиумскиот простор и јавните средства за платено политичко рекламирање меѓу учесниците на изборите.

Според Левица, сегашните правила овозможуваат најголемите партии од власта и опозицијата да имаат привилегиран пристап до медиумскиот простор и средствата од државниот буџет, додека други парламентарни партии може да останат без таква можност. Партијата тврди дека токму поради овие одредби на локалните избори во 2025 година била исклучена од платеното политичко рекламирање на телевизии, радија, интернет-портали и билборди.

Како пример, Левица го посочува својот кандидат за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, за кого наведува дека на локалните избори немал средства за платено политичко рекламирање, а сепак влегол во вториот круг. Според партијата, суштината на иницијативата не е колку пари би добила Левица, туку дали законските правила обезбедуваат еднаков пристап до рекламниот простор за сите политички субјекти.

Иницијативата на Демократи се заснова на слични аргументи. Партијата тврди дека помалите политички партии се ставени во нерамноправна положба бидејќи 80 отсто од рекламниот простор е резервиран за четири политички партии, додека за останатите се предвидени 20 отсто. Според подносителот, ваквото решение ги засега политичкиот плурализам и еднаквите услови за учество на избори.

Уставниот суд веќе го разгледувал предметот ова лето, но предлогот на судијата-известител не го добил потребното мнозинство, поради што предметот останал во фаза на гласање. Според денешниот официјален дневен ред, предметите У.бр.144/2025 и У.бр.145/2025 повторно се прва точка на седницата.

Во претходната расправа меѓу уставните судии имало различни ставови. Дел од аргументите биле во насока на поведување постапка за оспорените одредби, додека други судии посочиле дека Судот претходно веќе се произнесувал за истите законски решенија.

Левица денеска дополнително посочува дека во меѓувреме е променет и составот на Уставниот суд – по заминувањето на судијата Гоце Наумовски, за уставна судијка е избрана Мери Дика Георгиевска. Партијата очекува Судот во новиот состав да донесе одлука за предметот.

Одлуката на Уставниот суд може да биде значајна и пошироко од конкретниот спор со Левица и Демократи, бидејќи предмет на оценување се правилата според кои се распределуваат јавните средства и медиумскиот простор за платено политичко рекламирање меѓу различните учесници во изборната кампања.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?