Повеќе од половина Американци, вклучително и секој четврти републиканец, веруваат дека претседателот Доналд Трамп е „премногу блиску усогласен“ со Русија, според новата анкета на Ројтерс/Ипсос.
Истражувањето покажа дека 56% од испитаниците, вклучувајќи 89% од демократите и 27% од републиканците, се согласуваат со изјавата, додека 40% не се согласуваат. Трамп драматично ја смени надворешната политика на САД од почетокот на неговиот втор мандат, вклучително и јавно критикување на украинскиот претседател Володимир Зеленски и предлагање прекин на огнот меѓу Украина и Русија, што Москва не го прифати.
Ставот на Трамп кон Русија ги вознемири сојузниците на САД, поттикнувајќи дискусии во Европа за одбранбените стратегии независни од американската поддршка. Тој тврди дека неговиот пристап е неопходен за да се стави крај на војната, клучно предизборно ветување. Анкетата, исто така, покажа дека многу Американци го поддржуваат трансакцискиот пристап кон помошта за Украина, при што 44% го поддржаа неговиот предлог да се условува воената помош со тоа што САД ќе добијат дел од рудното богатство на Украина – идеја што ја фаворизираат две третини од републиканците и секој петти демократ.
Истражувањето, исто така, откри мал ентузијазам за идеите на Трамп за територијална експанзија, вклучително и стекнување на Гренланд, анексија на Канада и преземање на Панамскиот канал. Само 1% од испитаниците сметале дека проширувањето е приоритет, во споредба со 61% кои ја навеле борбата против инфлацијата. Само 17% ja поддржаа апсорпцијата на Канада, а 21% го поддржаа преземањето на Газа, предлог кој нашироко беше осуден како неостварлив. Сепак, 65% од републиканците ја поддржаа евентуалната американската контрола врз Панамскиот канал, а 45% го поддржаа припојувањето на Гренланд од воени причини.
И покрај контроверзите, рејтингот на Трамп останува стабилен на 44%, повисок од неговиот и просечниот рејтинг на претседателот Џо Бајден во претходните мандати. Анкетата на Ројтерс/Ипсос, спроведена онлајн со 1.422 возрасни Американци, има маргина на грешка од 3 процентни поени.