Потпретседателката Камала Харис ја започнува трката за претседателка на САД со анкети кои покажуваат дека таа и поранешниот претседател Доналд Трамп се навистина блиску во популарноста, според последната анкета на Њујорк Тајмс.
Само неколку денови откако актуелниот претседател Џо Бајден најави дека се повлекува од трката за нов мандат, анкетите ја покажаа Харис како главна кандидатка да го замени, со поддршка од дури 70 отсто од демократските гласачи кои посакуваа партијата да се обедини зад неа, наместо да спроведува долг процес за избор на нов кандидат.
На анкетите Трамп води со поддршката пред Харис, но само минимално 48 наспроти 47 отсто помеѓу граѓаните кои рекле дека ќе гласаат. Ова е напредок за Демократската партија, откако на анкетата на почетокот на јули, Бајден заостануваше шест процентни поени позади Трамп, по лошата дебата.
Трамп води 48 наспроти 46 отсто кај регистрираните гласачи, разлика која изнесуваше девет процентни поени кога Бајден беше кандидатот на Демократската партија.
Анкетата покажува дека Харис стои подобро кај одредени демографии каде што Бајден беше најслаб, особено кај младите гласачи и небелите гласачи. Од друга страна, демократите сега може да загубат кај одредени постари гласачи, каде што се забележува ерозија по повлекувањето на Бајден.
Харис има поддршка од околу 60 осто од гласачите под 30 години и кај тие кои зборуваат шпански, демографии каде што Бајден заостануваше. Помеѓу гласачите под 45 години, Харис има предност пред Трамп од околу 10 отсто, демографија каде што Трамп имаше блага предност пред само три недели.
Анкетата била спроведена на национално ниво, па не може да се пресмета како стои Харис во државите каде што е блиска битка, но нејзината популарност кај младите значи дека Демократската партија има шанса да се врати во трката за Невада, Аризона и Џорџија, кои ризикуваа да ги загубат.
Анкетата на Њујорк Тајмс покажува дека расте бројот на Американци кои ја следат претседателската кампања како што се наближуваат изборите. Бројот на испитаници кои рекле дека ја следат кампањта во јуни бил 48 отсто, а сега таа бројка е 64 отсто.
Интересни се резултатите за особините на претседателските кандидати испитани во анкетата. Бројот на граѓани кои мислат дека Харис и Трамп може да ја обединат државата е еднаков, 43 отсто, додека бројот на граѓани кои сметаат дека претседателските кандидати се грижат за граѓани како нив е 51 отсто за Харис и 48 отсто за Трамп.
60 отсто од граѓаните сметаат дека Трамп е силен лидер, наспроти 49 отсто кои тоа го сметаат за Харис, додека 52 отсто од граѓаните сметаат дека Харис има карактер за да биде ефективен претседател, наспроти 49 за Трамп.
Огромно мнозинство, 66 отсто сметаат дека Харис е интелигентна, наспроти 59 отсто за Трамп.
Извор: Њујорк Тајмс